Дачиќ: Потребна е одлука на регионално ниво за отворање на границите


Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска апелираше до соседните земји заеднички да донесат одлука за отворање на границите, јави дописникот на МИА од Белград.

-Апелираме до земјите од регионот да се донесе заедничка одлука да не мора секој граѓанин да гледа како може и на кој начин да ги премине границите. Да постои заеднички пристап кон таа тема, изјави Дачиќ по средбата со министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ.

Тој се заблагодари на Босна и Херцеговина за отворањето на границите за граѓаните на Србија, а границите за српските државјани ги отворија и Унгарија и Бугарија.

-Со Грција границите треба да бидат отворени на 15 јуни, но немаме напредок во разговорите со другите партнери. За жал, треба да разговараме билатерално со секој од нив, додаде Дачиќ.

Тој изјави дека, и покрај олеснувањето на мерките воведени во текот на пандемијата, сè уште има повеќе земји во кои не може да се патува, отколку во оние во кои може.

Дачиќ оцени дека посетата на министерката од БиХ е прва официјална посета на Србија по релаксација на мерките донесени поради коронавирусот, наведувајќи дека активностите продолжуваат и оти утре во Ниш ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, најавувајќи дека ќе оди во посета и на Италија и Грција и дека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров треба да ја посети Србија идната недела.

Од македоското МНР денеска соопштија дека министерот Димитров утре во Ниш на покана на Дачиќ ќе ја оствари првата работна посета во странство од почетокот на пандемијата, во знак на натамошно развивање на пријателски дијалог и соработката меѓу двете соседни земји.

На средбата, предвидено е министрите да разменат мислења за актуелната состојба во севкупните билатерални односи и можностите за унапредување на соработката во сите области од заеднички интерес, со акцент на продлабочување на економската соработка. Воедно, ќе бидат разменети мислења и искуства во врска со справувањето на двете земји со актуелната пандемија, како и нивните претстојни чекори за релаксирање на рестриктивните мерки во меѓусебниот режим на движење, во рамки на севкупните слични тенденции во регионот и Европа, соопштија од МНР.