Дачија започнува програма за доброволно отпуштање


Романската автомобилска компанија Дачија објави дека започнала програма наречена доброволно отпуштање, се поради реорганизација на компанијата, која ќе започне на 1 октомври.

Имено, програмата за доброволно отпуштање се заснова на тоа што на вработените им се исплаќа одредена сума пари сразмерна на нивниот стаж во фабриката. Работниците кои сакаат да се пријават за оваа програма ќе имаат можност тоа да го сторат до 20 септември.

Според информациите испратени до вработените во „Дачија“, најниска сума добиваат лицата со двегодишно искуство, а ќе им бидат исплатени околу 4.500 евра.

Голема сума пари ќе добијат оние кои работеле од 12 до 16 години во фирмата, а ќе им бидат исплатени околу 30.000 евра. Најмногу пари ќе добијат вработените со 16 и повеќе години стаж, а ќе добијат околу 37.000 евра.

Како што беше нагласено, компанијата на овој потег се одлучила во секторите каде се роботизира производството, но и во оние сектори каде што е намалена активноста на работниците.

Дачија годинава ќе го заврши производството на моделот Jogger, а потоа ќе влезе во производството на моделот Bigster.

„Фабриката модернизираше добар дел од производствените активности со помош на индустриски роботи, што доведува до потреба од намалување на бројот на вработени“, пишува Romanian Profit.

Романија има еден од најнеефикасните соодноси меѓу бројот на вработени во автомобилската индустрија и количината на произведени автомобили по вработен.

Двете фабрики за автомобили во Крајова и Миовена имаат годишно производство од 3,2 возила по вработен, што е под просекот на ЕУ од 5,4 возила. Исто така, Романија е меѓу земјите со најмногу вработени во автомобилската индустрија со вкупно 160.000 вработени.

Ова не е прва програма за компанијата Дачија на доброволно отпуштање, а последното слично беше спроведено во 2022 година.