Да сум отец не би се лишил од емоција, рече Никола Ристановски пред премиерата на „Мајка“ во Венеција


„Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска вечерва од 16 часот ќе ја отвори натпреварувачката програма „Хоризонти“ на 82. издание на Венецискиот филмски фестивал. Филмот денеска имаше две затворени проекции за новинарите и за претставниците на филмската индустрија.

Официјалниот постер на филмот „Мајка“

„Мајка“, првиот филм на Митевска на англиски јазик, по сценарио нејзино и на Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ, е инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија. Мајка Тереза ја игра шведската актерка Номи Рапас, Никола Ристановски го игра отец Фредерик, а Силвија Фокс сестра Агнешка.

На прес конференцијата за филмот говореа режисерката Теона Стругар Митевска, Номи Рапас, европската филмска ѕвезда во улогата на Мајка Тереза, Никола Ристановски, Силвија Хоекс, Лабина Митевска, која воедно е и ко-продуцент на филмот и Себастијан Делој, исто така копрудуцент.

„Бев пленета да го откријам овој лик кој е поголем од животот, а да ја откријам како обичен човек, како жена како ти или јас. Тоа е убаво оти покажува дека секој од нас има сила да ги промени нештата и да придонесе на човештвото. За мене, да се биде светица е во корелација со преземање акција и правење храбри дела“, рече Теона Митевска пред денешната светска премиера на „Мајка“.

Номи Рапас, која се прослави со улогата на Лизбет Саландер во „Девојката со тетоважа на змеј“, кажа дека во ликот на Мајка Тереза се обидела да ги истражи мрачните темни страни на личноста, но исто така и да го нагласи фактот колку било бунтовнички од неа како жена во тоа време да почне преписка со Ватикан и упорно да бара свој ред за да им помага на немашните и немоќните.

„Ја изградив како човек со слабости, но никој не е совршен, а таа создаде нешто неверојатно“, рече Рапас и додаде: „Ова е лик што ние сме го создале, не мора да е вистинската Мајка Тереза. Година и пол работевме со Теона и одев сè подлабоко, и на првиот снимачки ден решив да ја пуштам Тереза да преземе контрола и на крај не знаев дали сум она или јас. Имав одлична соработка со Теона и со Силвија“.

Никола Ристановски ја игра улогата на отец Фредерик, кој бил исповедник и близок пријател на Мајка Тереза.

„Ниедна позиција на светот не исклучува емоција, да сум отец не би се лишил од емоција. Емоцијата е основа на било каква емпатија. Не само емпатија која е полна со наши емоции или емоционални разбирања, туку емпатија која е когнитивна. Многу ми е важно да раскажувам приказни во коишто верувам. И круцијално важно е да бидам еден катализатор на сите овие човечки и женски дилеми“, рече Ристановски.

Теона Митевска рече дека некои од дијалозите во филмот се директни транскрипции на интервјуата што ги водела со последните 4 живи сестри и сведоци на нејзиниот лик додека пред 15 години во Калкута го снимаше документарец ‘Тереза ​​и јас’ .

Од пресот за „Мајка“ во Скопје/ Фото: Б. Грданоски

Сестра ѝ, продуцентката Лабина Митевска, рече дека кога пред 15 години почнале да го работат документарецот, таа цела година преговарала и ги убедувала настојниците на редот на Мајка Тереза да се отворат за интервјуа, особено затоа што живи биле само 4 сестри кои директно работеле со неа.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија со 37 милиони денари (околу 600.000 евра) на Конкурсот во прв рок за 2023. Поддршка има и од Креативна Европа МЕДИА, Данскиот филмски институт, „Белџиум такс шелтер“, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за повраток на данок.

Сценариото за филмот го напиша Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска, Елма Татарагиќ. Директорка на фотографија е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишна соработничка на Митевска. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев. Дизајнер на костимите е Клодин Тихон. Звукот на Грегори Ланој, Ингрид Сајмон, Кристофер Солтинг и Питер Албрехтсен. Оригиналната музика за филмот е на Магали Грузел и Флеминг Нордкрог.

Ова е трет пат како Теона Стругар Митевска се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (во Хоризонти, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ во 2023.

Филмот „Мајка“ следи седум дена од животот Тереза во Калкута, Индија, во август 1948 година. Тереза, настојничка во манастирот на сестрите од Лорето, со нетрпение го чека писмото што конечно ќе ѝ дозволи да го напушти својот манастир и да го создаде својот нов ред како одговор на повикот што го добила од Бога. Токму кога сè изгледа подготвено, таа се наоѓа соочена со дилема што ги доведува во прашање нејзините сопствени амбиции и вера, предивикувајќи голема пресвртница во нејзиниот живот.