Да се осудат обвинетите за тендерот за јаловина во РЕК „Битола“ и фирмата „РУД КОП“ да врати 3,5 милиони евра, побара ОЈО Битола во завршните зборови
БИТОЛА – Судот во Битола да донесе осудителна пресуда за 10 обвинети за незаконитости во тендерот за ископ на јаловина во РЕК „Битола“ поврзан со изборот на битолската фирма „РУД КОП“ во 2022-2023 година. Фирмата „РУД КОП“ да врати 3,5 милиони евра, пари за кои обвинителството смета дека е оштетен комбинатот, односно државата. Ова го побара ОЈО Битола на завршните зборови од судењето што се одржа вчера во Основниот суд Битола.
На обвинителна клупа за овој случај седат Пеце Матевски, екс директор на РЕК „Битола“, Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски, Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, вработени во РЕК „Битола“, членови на Стручната комисија и Комисијата за јавни набавки во комбинатот. Со обвинението се опфатени и Александра Маџевска – Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска сите службенички во Бирото за јавни набавки во Скопје.
Судскиот процес го води судијата кривичар Горан Димовски, а обвинението го застапува Оливера Нечаковска.
Кога судијата Димовски ги запраша за последен пат обвинетите дали се чувствуваат виновни сите кажаа – не.
Во завршните зборови обвинителката рече дека првата „мана“ во постапката за јавна набавка која е предмет на обвинението, се случува при евалуацијата на доставените понуди од страна на членовите на стручната комисија. Во нивното стручно мислење стои: понудувачот „Гранит“ Скопје има доставено документ за извршено услуги за ископ на минимум 4 милиони м3 јаловински маси. Обвинетите Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски и Тони Ангелевски се потпишале на документ со кој потврдуваат дека „Гранит“ има доставено документ за извршен ископ од минимум 4 милиони м3 јаловински маси, но по нивна оценка, бидејќи тие маси се ископани при работа на автопатот Кичево- Охрид кој се уште не е завршен, оценуваат дека „Гранит“ нема ископано толку јаловина.
Откако судот нареди супервештачење, обвинителката Нечаковска заклучува дека дополнително и тоа го потврдува обвинението дека понудата на „Гранит“ не смеела да биде исфрлена поради причината која ја навеле членовите на стручната комисија во своето техничко мислење.
„Супер вештачењето е јасно како ден – количините наведени во потврдите се ископани, тендерската документација бара потврда за ископани количини како доказ за професионално-техничка способност. Дали е завршен или не поширокиот договорен однос во рамките на кој се ископани предметните количини е ирелевантно“, рече Нечаковска.
Според неа и членовите на Комисијата за јавна набавка, (обвинетите Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски) наместо да застанат на патот на ваквото незаконско исклучување на „Гранит“ од понатамошната постапка, „тие се вклучуваат во криминалот“ со тоа што го прифаќаат.
Техничкиот извештај и наведената причина за исклучување на „Гранит“, па на електронската аукција ги покануваат само „РУД КОП“ и „Марковски компани“, а не и “Гранит“, а по спроведената е-аукција на која е постигната најниска цена од 2.595 денари (која инаку е повисока од 2.400 денари од понудата на „Гранит“), предлагаат склучување на договор со „РУД КОП“ по таа цена.
„Проблемот во оваа набавка е што ‘Гранит’ има понудено најниска цена, државниот буџет ќе заштедеше износ од најмалку 3.500.000 евра“, рече обвинителката.
Според Нечаковска, обвинетиот Пеце Матевски наместо како директор да го заштити буџетот на РЕК „Битола“ – како што рече „се приклучува како круцијален дел од синџирот на криминално однесување“, кое доведува до предизвикување на штета на РЕК „Битола“, односно незаконска имотна корист за „РУД КОП“.
„Но, Пеце Матевски не запира тука. Иако по завршувањето на јавната набавка со оглед на постигната цена јасно било дека со одобрените средства не може да се постигне ископот од 2.400.00 м3 инвестициска откривка со предвидена динамика на реализација наведена во техничката спецификација како составен дел од тендерската документација и склучениот Договор со ‘РУД КОП’, сепак Матевски пристапил кон склучување на договорот, иако согласно законот требало или да се дообезбедат потребните средства или да се поништи постапката“, рече обвинителката и наведе дека незаконските работи продолжиле и со склучување анекс на договорот.
„Иако во чл. 14 од Договорот е прецизно предвидено дека договорот се склучува за период од 24 месеци или до исцрпување на вкупната вредност на договорот 708.000.000 денари со вклучен ДДВ, во зависност од тоа кој услов прв ќе се исполни, сепак на ден 3.10.2022 година обвинетиот Матевски врз основа на образложение изготвено од него, заедно со обвинетите Димитар и Благојче склучил Анекс на Договор со кој вредноста на договорот се зголемила за 20% односно за 120.000.000 денари.“
По ова ОЈО Битола тврди дека штетата предизвикана од оваа јавна набавка е 3 и пол милиони евра.
За Нечаковска математиката за оваа сума е многу едноставна и како што рече не е хипотетичка. Според неа цената на „Гранит“ ако не се исфрлеше од постапката – „ќе беше репер и почетна цена на електронската аукција да не беше криминалното однесување на обвинетите“.
„Не е спорно дека ‘РУД КОП’ ја извршил бараната услуга и дека обезбедил услуги спрема РЕК ‘Битола’ кои требало да се платат. Проблемот е што заради криминалните дејствија на обвинетите, износот кој им се плати на ‘РУД КОП’ е најмалку за 3.5 милиони евра повисок од износот кој ќе им беше платен за истата работа ако не беше сторено кривично дело кое им се става на обвинетите“, рече обвинителката и наведе дека овие пари можеле да се искористат за инвестиции во филтри на оџаците на РЕК „Битола“ за како што рече да се намали емисијата на штетни гасови кои не трујат.
Обвинителката рече дека со тие пари можело да се изградат и градинки или да се вложи во Битолската болница, а како споредба рече дека 3,5 милиони евра е годишниот буџет на општините Демир Хисар, Крушево, Крива Паланка.
Обвинителката се осврна и на терминот „јаловина“ околу кој се спореше на судењето, па рече дека се работи за некакво вештачко терминолошко разграничување кое го воведе дел од одбраната на обвинетите, наменски за избегнување на кривичната одговорност. ОЈО наведе дека паѓа во вода тврдењето дека ископот на јаловина е апсолутно различен од ископот на земјени маси поради што потврдите на „Гранит“ биле несоодветни за спорната јавна набавка, бидејќи во новите тендери за ископ на јаловина распишани во 2026 како доказ од економските оператори за потврда на истиот критериум за професионално техничка способност се бара потврда за ископани јаловински маси, или земјени маси или карпести маси, бидејќи се е тоа иста работа само означена со различно име во зависност од индустријата каде се врши ископот.
Што се однесува до трите обвинети службенички од Бирото за јавни набавки, обвинителката кажа дека тие ја вршеле управната контрола во спорната набавка, но наместо истата да ја извршат со должно внимание и да ги нотираат сите незаконитости опишани во првиот дел од обвинителниот предмет и да реагираат со поништување на постапката, тие дале зелено светло да продолжи постапката со склучување на Договорот со „РУД КОП“ со што учествувале во нанесувањето на имотната штета на РЕК „Битола“.
Накрај Нечаковска побара на фирмата „РУД КОП“ Битола да и се конфискува износот од 178.370.319 денари како незаконски стекнатата имотна корист прибавена со незаконитото однесување на обвинетите.
Во завршните зборови адвокатите на обвинетите тврдеа дека обвинителството не ги докажало делата за кои се товарат и дека треба да се ослободат од обвинението. Побраа од судот да им се укинат определените мерки на обвинетите изречени за текот на судењето.
Адвокатот Душко Гошевски, кој го застапува екс директорот на РЕК „Битола“ Пеце Матевски, во завршните зборови кажа дека Матевски не сторил кривично дело, дека изборот на најповолната понуда ја направил со претходно обезбедени средства, како и тоа дека се што правел било со одлуки на Управниот одбор, потврдени од Надзорниот одбор на АД ЕСМ.
„Обвинетиот Пеце Матевски како директор на РЕК ‘Битола’ никогаш во текот на реализацијата на основниот договор и анексот од стручните служби задолжени да го следат спроведувањето на договорот и анексот, не добил никакво известување дека имало било каков проблем во таа реализација“, рече Гошевски и дополни дека од доказите неспорно се потврдило дека нецелосните понуди согласно закон биле елиминирани и не влегле во фаза на евалуација.
„Во текот на овој процес се покажа дека дури и ‘Гранит’ како понудувач, на крајот во фазата на електронската аукција да останел како единствен понудувач – не можел да биде избран, бидејќи според одредбите од Законот за јавни набавки неговата понуда не била комплетна согласно бараните услови од тендерската документација“, рече одбраната на Матевски.
Завршните зборови за дел од обвинетите ќе продолжат на 26 октомври бидејќи вчера снема струја во судот во Битола.