Некогашниот хотел „Вила Зора“ во Велес не може да се користи како старски дом
Некогашниот хотел „Вила Зора“ во Велес не може да се користи како старски дом, покажале испитувањата на надлежните од Министерството за труд и социјална политика, чии наоди ги соопшти градоначалникот Марко Колев. Ова следи откако во инспекција на објектот, кој беше изграден за згрижување стари лица во 1985, учествуваа претставници на Министерството, заедно со претставници на локалната власт. Целта беше да се процени дали тој може да биде дом за стари и изнемоштени лица од Велес и Велешко.
„Моја желба, како и желба на претставниците на локалната власт, беше хотелот ‘Вила Зора’ да биде пренаменет во старски дом. Врз основа на законските и подзаконските акти и правилници, таму нема услови што се потребни и објектот не ги исполнува. Имаме тесни ходници, недоволно големи лифтови – ова се дел од недостатоците. Имаше посета за да се види дали и што може да се преуреди. Такво нешто, ако се стори, би ја нарушило статиката на објектот и затоа не е можно да се извршат никакви градежни зафати. Има неколку одобренија за почеток на градба на приватни старечки домови во околината на градот. Разгледуваме опција и за поранешното ОУ ‘Јордан Хаџи Константинов-Џинот’. Познато е дека таму ќе има клон на градинка, па делува симпатично во иста зграда да бидат и деца и повозрасни лица. Тоа е тренд во светот“, рече Колев.
Објектот на „Вила Зора“ е изграден во 1985 година. Првично бил старски дом со капацитет од 160 легла во 60 соби, потоа бил трансформиран во комбинација со хотел, а подоцна функционирал само како хотел. Сега, во еден дел е сместен Техничко-технолошкиот факултет со седиште во Велес, дел од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ (УКЛО) од Битола.
Изграден е со 60 отсто од вложените средства на Здружението на борците, додека 40 отсто биле на Фондот за здравство. Борците својот дел го отстапиле на Општина Велес, а за возврат добиле две простории на трајно користење. Фондот за здравство подоцна својот удел го префрлил на Владата која, пак, му го отстапила на користење на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола, кој таму го сместил Техничко-технолошкиот факултет со седиште во Велес.
Имаше неколку обиди за негово заживување. Обидот да стане студентски дом во 2012, кога во Велес имаше четири факултети, пропадна. Јавниот повик за продажба во 2020, објавен во два наврати со почетна цена од 70 милиони денари (над 1,1 милиони евра), не наиде на интерес кај потенцијалните инвеститори.
Наспроти големата потреба, Велес е еден од ретките поголеми градови во Македонија што нема старски дом.