Да се обезбедат автобуси од Шуто Оризари – оти за еден месец пак ќе има протест
Автобуси од Шуто Оризари кон центарот на Скопје немало и денеска, а состојбата е таква речиси секојдневно, во последните месеци, рече градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој денеска со голем број жители на оваа скопска општина се појави на протест пред канцелариите на Град Скопје.
– Бараме итно да постапите по возниот ред објавен на страната на ЈСП и од утре да возат автобуси и по улиците на Шуто Оризари. Итно да си ги подмирите долговите кон приватните превозници и да им овозможите услови да продолжат да возат. Итно да пуштите нови автобуси. Не се доведувајте во ситуација пак да ви дојдеме тука, порача Курто Дудуш, градоначалник на Шуто Оризари.
Пред канцелариите на Град Скопје попладнево се одржува протест поради состојбата со јавниот превоз и недостиг на автобуси во главниот град.
Во Скопје два дена не сообраќаа автобуси поради тоа што ЈСП Скопје немаше нафта. Возеа само триесетина автобуси од кои 25 возат на гас. Состојбата неше надмината откако Владата донесе одлука на ЈСП да му се даде нафта за седум дена од државните резерви.
Пред Град Скопје своето незадоволство го искажуваат жители на Шуто Оризари, организирани од градоначалникот Курто Дудуш, Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ.
– Нема овде да запреме доколку не бидат исполнети нашите барања. Ветувам дека следната недела повторно ќе протестираме ако не се подобрат работите. Затоа, сега ќе ѝ поставам неколку прашања на скопската градоначалничка Данела Арсовска. До кога жителите на Шуто Оризари ќе се корисници на недостојни автобуси? До кога ќе чекаат изградба на паркови? До кога ќе чекаат изградба на булевари? Кога ќе се вработат Роми во администрацијата на Град Скопје? Вчера рековте неумесно е граѓаните на Скопје да останат еден ден без јавен превоз поради немањето нафта. Тогаш што да кажат жителите на Шуто Оризари кои веќе 730 дена немаат јавен превоз? Дали станува збор за расизам? Нехумано е да оставите 40.000 граѓани цели две години без јавен превоз. Зошто само во Шуто Оризари над 90% од линиите се приватни превозници? Денес возат некои линии низ Скопје, а во Шуто Оризари пак нема автобуси. Дали сте слушнале за зборот одговорност? Покажете политичка зрелост – рече Дудуш.
– Ние, татковците и мајките на ученици кои секојдневно доцнат на училиште… Ние, професорите и професорките кои редовно доцниме на работа поради немањето јавен превоз… Ние, мажите и жените кои добивме откази од работа поради немањето јавен превоз… Ние постарите лица кои не стигнуваме навреме на закажаните термини во болниците и на тој начин си го загрозуваме здравјето – рече тој.
Во разговор со новинарите тој рече дека скопската градоначалничка Данела Арсовска е недостапна за комуникација.
– Се обидував многу пати да стапам во контакт со градоначалничката ама безуспешно. Јас мислам дека таа не разговара со ниту еден градоначалник – изјави Дудуш.
На протестот присуствуваа и претставници на средношколците и на студентите.
– Не може поради нивно политичко припукување сите ние да страдаме. Нема повеќе да го толерираме тоа. Бараме да престане злоупотребата, бидејќи сега е период на колоквиуми и на испити. Апелираме да се набават нови автобуси и да се пуштат нови автобуски линии. Бараме да се вложи и да се поддржат алтернативни опции за јавен превоз – изјави Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Град Скопје реагира на протестот, обвинуваат дека Курто Дудуш лаже, а дека Македонија станува режимска држава
Град Скопје реагира на протестот што се одржа денес пред просториите на градот. Тие велат дека граѓаните се злоупотребуваат во политички цели.
„Пред да го организираат протестот пред градот Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Шуто Оризари Ерџан Демир кој ги предводи и кој воедно беше и кандидат за пратеник од истата партија, би требало да ги информира своите сограѓани дека во Шуто Оризари нема јавен превоз бидејќи советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на град Скопје одбива да им овозможи на приватните превозници да возат на нивните автобуски линии согласно барањата кои ги имаат доставено до Трајко Славевски пред неколку месеци.
Ерџан Демир претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ би требало да ги информира своите сограѓани дека токму неговата партија одбива да гласа за набавка на нови автобуси за граѓаните на градот Скопје, а со тоа и на граѓаните на општина Шуто Оризари. Срамно е и лажењето на Курто Дудуш, кој своите сограѓани ги лаже и ги тера да протестираат на минусни температури за тој да и се допадне на владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде се надева на поддршка за следен мандат.
Курто Дудуш би требало да ги информира своите сограѓани дека во Шуто Оризари надлежен за чистење на депониите е тој како градоначалник и општинските служби кои тој ги води. Треба да каже Курто Дудуш каде завршуваат парите кои на парагон блокче се наплаќаат од жителите на Шуто Оризари за собирање на отпад, кој потоа завршува на диви депонии формирана токму од службите на општина Шуто Оризари“, се вели во соопштението на градот.
Од таму додаваат дека срамно е да се злоупотребува најзагрозеното малцинство во Македонија за остварување на теснопартиски политички цели.