Д4вд ги откажа концертите во Северна Америка и Европа

Пејачот Д4вд (Дејвид Ентони Бурк), неофицијално, ја откажа својата европска турнеја, според „Тикетмастер“ (Ticketmaster). Иако датумите на турнејата сè уште се наведени на неговата официјална интернет-страница, страната за продажба на влезници посочува дека сите настани во Европа се откажани.
Американскиот ар-ен-би и рок-пејач, исто така, минатата недела ги откажа и концертите во Северна Америка.
Тоа следи откако претходно овој месец беше пронајдено полураспаднато тело на малолетна тинејџерка во багажникот на запленетата „Тесла“ на Дејвид. Причината за смртта на 15-годишната Селест Ривас сè уште е непозната. Медицинските истражители од Округот Лос Анџелес сè уште работат на утврдувањето на начинот и причините за смртта.
Според наводите, на 17 септември била претресена куќа во населбата Холивуд Хилс во Лос Анџелес како дел од тековната истрага.
На 8 септември, полицијата на Лос Анџелес била повикана кај „Влечната служба на Холивуд“, откако некој пријавил дека се чувствува силен мирис од напуштено и запленето возило. Распарченото тело кое оттогаш е идентификувано како 15-годишната Ривас, а е пронајдено во пластична ќеса во предниот багажник на „Тесла“ од 2023 година, регистрирана во Хемпстед, Тексас, САД, на име на пејачот Дејвид.
Девојката висока околу 175 см, со брановидна црна коса и препознатлива тетоважа „Shhh“ (Шшш) на прстот. Д4вд, наводно, има иста таква тетоважа „Shhh“, како и тинејџерката.
Ривас е пријавена за исчезната во април 2024 година, а последен пат е видена кај езерото Елсинор, во Калифорнија, на околу 50 км југоисточно од Лос Анџелес. Мајката изјави за „Ти-ем-зи“ (TMZ) дека малолетното девојче имало дечко по име Дејвид. Поранешен наставник во Училиштето на Лејкленд Вилиџ, каде што Ривас учела, рече дека таа го запознала Дејвид на социјалните мрежи.