Цвета Ристовска, која го спасуваше директорот на АМБ од скандалот, избрана за заменик претседател на ДКСК


Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата, која го водеше предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, ќе ја води Комисијата за време на локалните избори, откако на денешната седница беше едногласно избрана за заменик – претседател на Антикорупциската комисија која е без претседател по истрагите и оставката на поранешната Татјана Димитровска.

Ристовска ќе седне на заменичкото столче на 21 август, кога истекува мандатот на актуелната заменик – претседателка Билјана Каракашева Шулев. Заменикот – претседател на ДКСК се менува ротационо на секои шест месеци по азбучен ред од презимињата на членовите со мнозинство гласови.

Ристовска, која како и Димитровска доаѓа од Државниот завод за ревизија, го реферираше и водеше предметот за Христовски, но во јавноста се спореше тоа што таа била дел од наставниот кадар на приватниот Универзитет за туризам и менаџмент „Скопје“, а дел од предметот беше и претставката за неговата факултетска диплома, добиена од факултетот и универзитетот каде во тоа време дел од наставниот кадар била токму Ристовска.

На таа седница Ристовска рече дека случајот е чист според известувањето на Просветниот инспекторат. Тогаш од Анткикорупциската комисија прво тврдеа дека таа не била дел од наставниот кадар на приватниот Универзитет, а потоа дека сепак имала соработка на ниво на гостин – претседавач.

-Единствено можам да ви кажам, дека повремено бев ангажирана како практичар од областа на ревизијата, ниту сум била дел од наставен кадар, ниту е точно тоа што одеше вчера во медиумите. Сите мои трансакциски сметки се отворени, не ми плаќале. Сум предавала ревизија и преку приватни образовни куќи, сето тоа со изим на главниот државен ревизор, со потврда. Сум предавала и во Академија на судии и јавни обвинители, се во својство на државен ревизор – тврдеше Ристовска.

Просветниот инспекторат што го извршила надзорот за дипломите на Бојан Христовски и констатирала дека нема неправилности за образованието, е инспекторката Соња Зашовска, која на страницата на Општина Гази Баба фигурираше како советничка во општината од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а за која Левица неодамна обвини дека добила унапредување во раководител откако констатирала дека нема пропусти во фалсификат дипломата на директорот на АНБ.

Во декември Антикорупциската комисија едногласно одлучи дека директорот Христовски ги исполнува сите услови за да биде директор на Агенцијата. Државниот просветен инспекторат, Дирекцијата за класифицирани податоци, МВР и други институции, одговориле дека и дипломите, и 240-те стекнати кредити, и работата на приватниот универзитет за туризам и менаџмент му се по закон.

За ТОЕФЛ уверението за англиски јазик добиено од школа во Пловдив, Бугарија која немала таква дејност, членката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Цвета Ристовска кажа дека Обвинителството е тоа кое има надлежност да проверува валидност на ТОЕФЛ-сертификати.

Скопското обвинителство ги отфрли анонимните пријави против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за кривични дела – Фалсификување исправа и Употреба на исправа со невистинита содржина.

Обвинителството пет месеци чекаше одговор од бугарските институции за јазичното студио „Јулиа“, но одговор на прашањата не доби бидејќи сопственичката на студиото не била во Бугарија, додека, пак, другиот сертификат што го приложил Христовски во Владата и во другите институции каде што конкурирал за директор и за асистент бил од 2022 година и ЕТС – Сервисот за едукација и тестирање, како единствената организација што е меѓународен тестатор за ТОЕФЛ-сертификати, не можело да издаде известување или да ги верификува резултатите и тестот бидејќи поминале две години од полагањето.

Обвинителот Владимир Милошески, кој ја водеше постапката во скопското обвинителство за сертификатот на директорот на АНБ, пред еден месец беше избран за обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје.