ЦУП: Дури 90 медиуми во регистерот на ДИК не се во регистерот на професионални онлајн медиуми, а земаат пари за политичко рекламирање

Поради немање законска регулатива буџетските пари завршуваат и во портали што може да ја загрозат националната безбедност, да поттикнуваат насилно уривање на уставниот поредок, да повикуваат на оружена агресија и конфликт или да шират дискриминација, нетрпеливост и омраза


Центарот за управување со промени бара да се ограничи дискреционото право на ДИК да исплатува буџетски пари за платено политичко рекламирање без било какви критериуми. Со тоа оваа невладина организација се приклучи на јавните притисоци да се стави крај на прелевањето на буџетски пари во медиуми креирани од самите политички партии, но и во медиуми кои работат против државни интереси и не почитуваат новинарски стандарди – бидејќи законски не се регулирани.  

-ДИК ги исплаќа трошоците за објавеното платено политичко рекламирање врз основа на доставена фактура од страна на радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали) во рок од 30 дена од објавување на конечните резултати. Праксата покажува дека ДИК не спроведува никаква постапка и не донесува особено образложени одлуки за прифаќање и исплата на трошоците за објавеното платено политичко рекламирање, што е во спротивност со Законот за општата управна постапка.  Тоа значи дека буџетски пари може да се доделуваат на „субјекти“ кои немаат впишано медиумска дејност во Централниот регистар, поради тоа што порталите не се форма на медиум кој е уреден со Законот за медиумите. Дополнително, бидејќи врз интернет порталите не се применуваат одредбите од Законот за медиуми (кој пропишува почитување на минимум стандарди на квалитет, професионалност и пристојност ), преку нив може да се загрозува националната безбедност, да се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок, да се повикува на оружена агресија и конфликт или да се поттикнува дискриминација, нетрпеливост и омраза, а сепак истите може да добиваат пари од буџетот на државата, стои во извештајот на Центарот за управување со промени.  

Според анализата, електронските медиуми (портали) кои добиваат средства од буџетот за платено политичко рекламирање може да немаат вработени со статус на новинари, ниту пак имаат обврска да вработат или ангажираат уредници, да имаат импресум, а немаат ниту експлицитна обврска да вршат исправка на неточни податоци, што значи дека истите може да бидат извор на лажни вести, говор на омраза или ревизионистички говор, а да добиваат средства од буџетот на државата.

-Додека радиодифузерите се под постојан мониторинг од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за политичките кампањи кои ги реализираат во минути и секунди, електронските медиуми (портали) без никаква контрола пријавуваат средства за наплата по свое видување, што остава огромен простор за злоупотреба. Податоците од Државниот завод за ревизија од доставените извештаи од медиумите и другите субјекти за платено политичко рекламирање на последните парламентарни избори во 2020 година покажуваат дека врз основа на ова дискреционо овластување од државниот буџет се исплатени  околу 2.722.630,00 евра. На овие парламентарни избори во 2020 година за медиуми кои не се радиодифузери и печатени медиуми, исплатени се 876.000 евра без да се провери дали услугите кои се платени се испорачани, стои во анализата.

Најголем дел од сретствата за политичко рекламирање – 45% – користат двете најголеми политички партии што, според резултатите од последните избори за пратеници, освоиле најмногу гласови,  најмногу 7% од средствата може да искористат политичките партии во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и најмногу 3% од средствата може да искористат политичките партии кои не се застапени во Собранието воопшто.  Сумата која може да се исплати на еден електронски медиум (интернет портал) и печатени медиуми од еден учесник во изборниот процес, не може да биде поголема од 15.000 (петнаесет) илјади евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ. ДИК неодамна објави дека годинава само за платено политичко рекламирање за двојните избори се предвидени над 10.614.000 евра .

-Овој концепт на платено политичко рекламирање во изборниот процес е силно критикуван од професионалната медиумска фела и веќе долго време се истакнува потребата од негово укинување, споменат е во извештајот на OSCE/ODIHR за локалните избори во 2021 година и континуирано се спомнува  од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), кое смета дека најлогично е платеното политичко рекламирање целосно да се забрани, како во поголем број западноевропски држави.

Дел од забраните со кои не се експлицитно опфатени електронските медиуми (портали),а важат за радиодифузерите и печатените медиуми, вклучуваат:

– Забрана за објавување, односно емитување на содржини со кои се загрозува националната безбедност,

– Забрана за објавување, односно емитување на содржини со кои се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија,

 -Забрана за објавување, односно емитување на содржини со кои се повикува на воена агресија или на вооружен конфликт,

-Забрана за објавување, односно емитување на содржини со кои се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност.

-Согласно Законот за медиуми, радиодифузерите и печатените медиуми задолжително мора да имаат впишано соодветна дејност во Централниот регистар на РС Македонија. Таква обврска немаат интернет порталите. Тие имаат единствено обврска да бидат впишани во регистарот на  ДИК .

-Радиодифузерите и печатените медиуми имаат експлицитна законска обврска да обезбедат заштита на малолетни лица, додека за порталите немаат ваква експлицитна обврска. Тие, условно кажано, можат да објавуваат што сакаат и кога сакаат, а доколку одат во крајности, дури и порнографски материјали.

-Радиодифузерите и печатените медиуми мора да имаат одговорен уредник кој е новинар и кој го именува и разрешува издавачот на медиумот. Ваква обврска немаат порталите, кои воопшто не мора да имаат вработени лица кои се професионални новинари.

-Радиодифузерите и печатените медиуми се должни на видно место за секој примерок од печатен медиум или телевизиска емисија да обезбеди објавување на следниве податоци:  назив и адреса на седиштето и уредништвото на издавачот на медиум,  име на одговорното лице, име и презиме на одговорниот уредник, односно уредниците во согласност со внатрешната организација на уредништвото и назив и адреса на печатницат,и датумот на печатење или препечатување, како и бројот на печатени примероци, кога се работи за печатен медиум.

-Радиодифузерите и печатените медиуми се должни на соодветно место за секоја содржина да објават:  име и презиме на авторот на објавениот прилог,  име и презиме на лицето, односно фирмата носител на авторски права за објавените содржини,  датум на продукцијата кога се работи за аудиовизуелно дело,  потекло на  делото доколку делото е создадено од независна продукција и информација за истото,  името на  лицето кое го чува користеното културно добро или архивско дело, односно соодветната репродукција и  името на издавачот на медиум од кој е преземен програмскиот прилог или исечок од програмскиот прилог, освен ако со меѓусебен договор поинаку не е уредено.

-Радиодифузерите се должни до 31 март во тековната година на посебен образец пропишан од страна на АВМУ да достават податоци за: сопственичката структура, податоци за процентот на акциите или уделот кој го стекнале и датумот на стекнување, податоци за одговорниот уредник/уредници,  податоци за изворите на финансирање на радиодифузерот во претходната година (реклами, спонзорство, продажба на содржини, услуги обезбедени на трети страни и слично),  податоци за остварените вкупни приходи и расходи на радиодифузерот во претходната година од обезбедувањето на дејноста и  податоци за просечната гледаност или слушаност на радиодифузерот во претходната година. Издавачите на печатен медиум се должни наведените податоци претходно да ги објават во најмалку еден дневен весник, еднаш годишно. Ништо од ова не е обврска за интернет порталите.

-Радиодифузерите и печатените медиуми се должни бесплатно да објават исправка на објавена информација во која се наведуваат неточните факти  и одговараат за навреда и клевета. Интернет порталите може да објавуваат што сакаат без никаква одговорност, може да навредуваат и да клеветат, да објавуваат неточни податоци и при тоа немаат обврска ниту да објават исправка на истите. 

Според ЦУП, сето ова значи дека  ДИК има комплетна дискреција да исплатува сретства од државниот буџет за овие медиуми, единствено по своја слободна оценка.

-Ова значи дека Изборниот законик дозволува со буџетски средства да се финансираат електронски медиуми (портали) со кои потенцијално може да се загрози националната безбедност, да се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок, да се повикува на оружена агресија и конфликт или се поттикнува дискриминација, нетрпеливост и омраза. Доколку се направи подетална анализа на секојдневните содржини кои ги објавуваат интернет порталите, а кои во изминатите години добиле средства за платено политичко рекламирање многу е веројатно да се наиде и на некоја ваква содржина, што е недопустливо, се оценува во анализата.

Според ЦУП доколку Собранието не ја усвои најавената измена во Изборниот законик за укинување на платеното политичко рекламирање, погоре наведените пропусти ќе постојат и понатаму ќе продолжат да создаваат услови за злоупотреба на системот.

-Прегледот на Регистарот за радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми кој го води ДИК  за изборите во 2020 година дополнително ги потврди наодите на оваа анализа. Поточно, овој Регистар во делот за електронски медиуми (интернет портали) содржи субјекти кои немаат медиумска дејност или пак претставуваат one-issue списанија, има и ситуации каде еден електронски портал е наведен три пати и тоа за секоја јазична верзија на истата веб страница (македонски јазик, албански јазик и англиски јазик). Дополнително, според податоците на Media Ownership Monitor, за време на локалните избори во 2021 година во Регистарот на ДИК биле регистрирани вкупно 191 онлајн медиуми, а објавениот Регистар на ДИК за парламентарните избори во 2020 година покажува вкупно регистрирани 235 електронски медиуми (портали). Од друга страна, во Регистарот на професионални онлајн медиуми, кој пропишува јасни критериуми за подобност за регистрирање (за разлика од Регистарот на ДИК кој воопшто нема критериуми), во 2020 биле регистрирани вкупно 101 електронски медиуми. Значи, 90 електронски медиуми биле дел од Регистарот на ДИК кои не биле дел од Регистарот на професионални онлајн медиуми, што дава индикација дека истите не ги исполнуваат пропишаните критериуми, оценува ЦУП.

Според нив и во мета-дата извештај на ЗНМ стои дека  „најголем дел од субјектите во онлајн-сферата регистрирани во ДИК за рекламирање, немаат јавно објавен импресум, односно податоци за сопственичката структура и за лицата што ги подготвуваат содржините, а за некои од нив, пак, постојат сомнежи дека се поврзани и со политичките партии“ .(С.Ј.)