„Црвен се барјак развева“ – изложба на Кирил Пенушлиски за македонската народна борбена поезија и нејзината интерпретација во ликовните дела

Во Националната галерија во Чифте Амам вечер во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Црвен се барјак развева“ од проф. д-р Кирил Пенушлиски, македонски историчар на уметност.
„Црвен се барјак развева“ e изложба која ја обработува македонската народна борбена поезија и нејзината интерпретација во ликовните дела на македонските уметници.
По повод изложбата, ќе биде печатена и книга со повеќе научни текстови посветени на македонската народна борбена лирика и на македонската модерна и современа ликовна уметност. Книгата е воедно и каталог на изложбата.
„Црвен се барјак развева“ има за цел да го истакне богатото културно наследство на македонскиот народ и да ја доближи традицијата преку современи уметнички изрази, создавајќи простор за контекстуализација на историјата и значењето на народната борбена лирика во нашата колективна свест.
На изложбата, покрај текстовите на македонските народни борбени песни, ќе бидат изложени и ликовни дела на некои од најголемите македонски уметници, како Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Томо Владимирски, Петар Хаџи Бошков, Борко Лазески, Васко Ташковски и други.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија, како и од многу национални институции, меѓу кои и Националната галерија, Музејот на современата уметност, Музејот на Македонија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, како и музеи од други градови на Македонија. Генерален спонзор на изложбата е Комерцијална банка АД Скопје.