Црна Гора: Четворица психолози создадоа брошура и веб-апликација за преживување на изолацијата


„Откријте ги своите потреби“, „Управувајте со вашите грижи и стравови“, „Ајде да испиеме кафе  на Скајп“, „Развеселете  го светот каде што живеете“. Сите овие програми може да се најдат на нововоспоставената веб-страница www.psihoteka.me доброволно развиена од четворица психолози великодушно посветена да им помогне на луѓето психолошки погодени од Ковид-19, долгорочна изолација и социјална дистанца.

Корисниците може да слушаат аудио, да гледаат видео, да разговараат или да пишуваат преку апликацијата и да се чувствуваат активни. Веб-страницата обезбедува целосно ново интерактивно искуство за корисниците, обезбедувајќи слушање медитации и вежби за внимателност, пишување личен дневник, снимање мисли, чувства или други процеси итн…

Во периодот обележан со кризата предизвикана од КОВИД – 19, изолацијата влијае на менталното здравје на луѓето околу нас. Идејата за обезбедување психолошка помош и поддршка е скоро природен импулс за сите психолози и психотерапевти. Затоа, четворица психолози – Мина Газивода, Бранка Никочевиќ, Милена Жујовиќ и Јевросима Пејовиќ од Советодавниот центар „имаГО“ , „ПсихопланеТА“, „Мотиватор“ – „Психолошки центар“ и НВО „Автентик“ дојдоа до идеја да ѝ помогнат на заедницата. Тие создадоа е-книга со психолошки вежби за да се надмине стравот и анксиозноста, кои се појавуваат многу често во периодите на изолација насловена: „Психотека“ – брошура за поддршка на личните потенцијали за време на изолација.

„Срдечно ве поздравуваме од нашите домови“, им напишале авторите на читателите на кои сакаат да им помогнат. Е-книгата што содржи 25 вежби со упатства приспособени на ситуацијата е достапна на црногорски јазик и неодамна беше преведена на албански јазик.

Авторите, психолозите и психотерапевтите Мина, Бранка, Милена и Јевросима ја открија важноста на оваа алатка за поддршка на менталното здравје, додека познатата црногорска илустраторка Андријана Вежовиќ алијас Зомбијана го оживеа текстот со илустрации. Со придонес на програмерот Драган Газивода, вежбите презентирани во брошурата, сега се достапни преку веб-апликација на веб-страницата www.psihoteka.me. Оваа апликација е прва од ваков вид и се очекува да има пошироко регионално влијание поради јазичните сличности.

Тимот учествуваше на CORONATHON.me – првиот онлајн  хакатон во Црна Гора организиран од УНДП, Министерството за наука и Министерството за култура во партнерство со „ДевКлуб“, „Аликорн“, „Дигитилизуј.Ме“ и „Паркот за наука и технологија“, како и неколку медиумски партнери: порталот „Вијести“, „ТВ Вијести“ и „РТЦГ“. Хакатонот имаше за цел да идентификува решенија што ќе ѝ помогнат на Црна Гора да се приспособи, да одговори и да закрепне од кризата предизвикана од пандемијата од Ковид-19.

(Серија текстови „Успешни приказни“ подготвена со помош на проектот ЕУ ТАКСО 3. Медиумски спонзор  „Независен“)