Чулев контра одлуката на Владата за поништување на 89 решенија за прераспоредување

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ги известил вработените во МВР да продолжат „без никакви притисоци и совесно и одговорно да ги извршувате работните задачи и обврски“, со што практично застана контра одлуката на Владата која синоќа поништи 89 решенија за распоредување на работно место од 6 и 7 февруари годинава.
Во известувањето, министерот наведува дека согласно член 30 од Законот за Влада, Владата има право и должност да укине или поништи прописи или други акти на министерството, органите на државната управа и управните организации, кои не се во согласност со Уставот, законот или друг пропис на Собранието, односно прописи на Владата.
„Имајќи ги превид наведените одредби, со Одлука на Владата може да се поништи пропис или акт на министерството, кој не е во согласност со Уставот и законот, а не може да се поништи конкретно решение за распоредување на работникот бидејќи истите не се прописи и од тие причини не може да бидат поништени од Владата, туку се поништуваат со соодветна постапка од работен однос“, се вели во известувањето од министерот Чулев.
Чулев смета дека одлуката на Владата со која се поништуваат конкретните решенија за распоредување на работниците во МВР „е противзаконска и е донесена во постапка која е спротивна на одредбите од прописите кои го регулираат работењето на Владата, а особено во спротивно со одредбите на Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за Влада“. (Н.В.)