„Чудна случка со кучето во ноќта“- Драмски театар со премиера против предрасудите кон лицата со аутизам
Драмскиот театар вечерва во 20 часот ќе ја изведе премиерата на претставата „ Чудна случка со кучето во ноќта“. Урбаната драма која режисерката Зоја Бузалковска ја постави по текстот на Сајмон Стивенс, базиран на романот на Марк Хадон, е театар во театар против предрасудите кон лицата со аутизам.
-Тоа е претстава за различноста, за перцепцијата кон другоста, за тоа колку ние сакаме да ставиме некого во ваков или онаков фолдер, за тоа како ние сакаме да процениме некој за недоволно паметен, заостанат, конзервативен, вели Бузалковска.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ – Таци, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.
Драматург е Александра Бошковска, сценограф Константин Трпеноски, костимографијата е на Елена Вангеловска и Раде Василев, кореографија и free running техниката на Симон Симоновски, а Давид Ангелевски за претставата креираше авторска музика.