Човекот со пиштол бил активист на Алијансата за Албанците

Наводно се работи за Цуфи Кока, брат на директорот на скопска „Комунална хигиена“, но МВР соопшти дека уапсила лице со иницијали Е.Ј.


Фото: Петр Стојановски

 

Според наводите што се слушнаа вечерва човекот со пиштол во раката, кој денеска предизвика вистинска драма во државата, бил активист на Алијансата за Албанците.  Повеќе медиуми објавија дека станува збор за Цуфи Кока. Според неговите објави на Фејсбук, тој е активист на Алијанса за Албанците, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје. Брат му Зуди Енузи Кока е директор на „Комунална хигиена“, поставен од градоначалничката Данела Арсовска.

Министерството за внатрешни работи објави дека било уапсено лицето што пукаше кај плоштадот „Скендербег“. Но во соопштението се наведуваат други иницијали за приведениот – Е.Ј. На местото биле пронајдени чаури, а протв Е.Ј. ќе биде поднесен соодветен поднесок.  

Христијан Мицкоски денеска преку Фејсбук тврдеше дека тој човек сакал да го убие, а на вечерашнава прес-конференција тврдеше дека власта сака да предизвика меѓуетнички инцидент. Кога беше прашан за политичката припадност на приведениот, Мицкоски рече дека не го интересира дали е член или не на Алијанса за Албанците и побара да не се политизира работата и побара да се останело над политиката.

Инцидентот се случи во моментот кога демонстрантите против францускиот предлог го минуваа подвозникот во близина на трговскиот центар „Мавровка“. Една група која се наоѓаше кај плоштадот „Скендеберг“ и групата демонстранти на булеварот најпрво фрлаа со камења и шишиња едни кон други. Во тој момент Кока извадил пиштол и испукал повеќе куршуми. Реакцијата на полицијата спречи поголем инцидент.

Еден час пред инцидентот, Кока на својот Фејсбук профил објавил порака во која од името на партијата Алијанса на Албанците повикува на мирни протести и го осудува вандализмот, говорот на омраза и навредите кон Албанците. На насловната фотографија на Фејсбук профилот на Кока, тој е сликан со лидерот на опозициската Алијанса на Албанците, Зијадин Села. 

Засега е нејасно дали Мицкоски бил во околината на местото на инцидентот во моментот кога била пукотницата. Според репортери на Дојче веле на местото на настанот, тој претходно го напуштил протестот заедно со своето обезбедување. (Н.В.)