„Човек против јато“ во режија на Тамара Котевска поддржан од „Еуримаж“


Паневропскиот филмски фонд „Еуримаж“ на 169-та сесија во јуни оваа година го поддржа филмскиот проект на режисерката Тамара Котевска „Човек против јато“ со износ од 265.000 Евра.

 „Ова е втор македонски проект кој е поддржан оваа година од Еуримаж, а е во режија на Тамара Котевска. Копродукцијата е помеѓу македонските продуценти Аполо Креатив Солушнс и Астерикс продукција и копродуцентите Филмоскопија од Србија, Зеинофилм од Турција и Нуклеус филм од Хрватска“ – изјави Тања Ќурчинска Пепељугоска, македонскиот национален претставник во Еуримаж. Таа додаде и дека куриозитет  е што беа пријавени 111 копродукциски проекти, бројка која не се памети во една иста сесија во историјата на Еуримаж.

 „Во ваква конкуренција проектот „Човек против јато“  беше оценет одлично и рангиран на високо 3 то место на ранг листата во својата група. Коментарите за проектот беа скоро идентични, би цитирала неколку: „…преубав проект кој остава силно чувство; навидум локална тема, но со исклучителен универзална димензија; режисерката точно дефинира што сака да постигне; јасно сценарио од почеток до крај…“ – рече Ќурчинска Пепељугоска.  „Во јунската сесија од вкупно пријавени 111 проекти, 33 добија финансиска поддршка од Еуримаж и до толку е позначајно што меѓу нив е и еден македонски проект.“

 Северна Македонија е членка на Еуримаж од 2003 година и во оваа јубилејна година 2 наши проекти веќе добија финансиска поддршка: „ДиЏеј Ахмет“ на  Георги Унковски на 168-та сесија и „Човек против јато“ на Тамара Котевска на 169-та сесија.

 Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.409 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 700 милиони Eвра.