Членството на ДУИ го извиси Пендаровски во Тетово и Гостивар
Тетово – Во општините во Полошко, главно населени со над 90 отсто Албанци, беше регистрирана најмала излезеност на претседателските избори. Во Општина Желино, според податоците на Државната изборна комисија, евидентирана е излезеност од околу 17 отсто, а во Боговиње 18 отсто. И во останатите рурални општини населени со Албанци излезеноста се движеше во овие рамки.
Во Тетово и Гостивар, градови населени главно со Албанци и Македонци, евидентирана е досега најмала излезеност. Во Тетово 29 отсто од вкупниот број на запишани избирачи го оствариле своето право на глас, а во Гостивар излезеноста беше 26 отсто. Ако направиме споредба на коалицијата меѓу ДУИ и СДСМ склучена за локалните избори во 2017 година, кога социјалдемократите дадоа поддршка во гласови за кандидатите за градоначалници на интегративците, сега бројките покажуваат дека Албанците кои му се верни на ДУИ не излегле масовно да гласаат во првиот круг и да го поддржат Стево Пендаровски, иако партијата тоа јавно го направи. Така, на последните локалните избори сегашната градоначалничка Теута Арифи со гласовите од ДУИ и СДСМ освои 18.136 гласа и го доби вториот мандат. Сега,пак, на претседателските избори истата коалиција на Пендаровски му даде за повеќе од двојно помалку гласови – 8.203. Бројките покажува дека ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети не успеале да ги мобилизираат своите поддржувачи да гласаат за Пендаровски.
Иста е математиката и во Гостивар, каде што на локалните избори во 2017 година кандидатот од ДУИ, Невзат Бејта, со гласовите од неговата партија и СДСМ доби 15.205 гласа, а сега Пендаровски во Гостивар освои само 6.733 гласа.
Аналитичарите велат дека дваесетте илјади помалку гласа што ги доби коалицијата ДУИ и СДСМ на овие претседателски избори во Тетово и Гостивар се должи на три причини.
„Да бидеме реални. Има Албанци од ДУИ што не ја избраа опцијата да гласаат за коалицијата ДУИ и СДСМ на овие претседателски избори, затоа што имаше кандидат Албанец. Тоа е едната причина зошто Пендаровски не доби целосна поддршка, како што Теута Арифи доби поддршка на локалните избори. Втора причина е тоа што Албанците, како и Македонците, се разочарани од владеењето на оваа владејачка гарнитура и не гласаат за нив веќе. И трето, не може да се прави споредба меѓу локалните и претседателските избори. Секогаш луѓето се повеќе заинтересирани и мотивирани да гласаат на локалните затоа што од изборот зависи какви улици, тротоари и сообраќај ќе имаат“, вели универзитетскиот професор Мерсим Максути.
Тој додава дека во вториот круг од локалните избори Пендаровски ќе добие поголема поддршка од ДУИ, но и од гласачите на Блерим Река, на кои никој не треба да им каже за кого да гласаат на 5 мај, затоа што тие се за евроатлантски интеграции, а Пендаровски е така ориентиран, истакнува Максути.
Зоран Димовски