Членови на Европската комисија во посета на Полска
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/lajen-polska.jpg)
Брисел – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и членови на Колеџот на комесари денеска и утре престојуваат во Гдањск на средби со претставници на Полското претседателство со Советот на Европската Унија.
Како што соопшти Европската комисија, за време на престојот во Полска, претставниците на ЕУ ќе имаат средби со полскиот премиер Доналд Туск, со членови на неговата Влада, како и со градоначалничката на Гдањск, Александра Дулкиевич.
Предвидено е на овие средби да се разговараат за приоритетите на Полското претседателство со Советот на ЕУ, што започна на 1 јануари и ќе трае до 30 јуни.
Утре претпладне, Фон дер Лајен и Туск ќе го посетат Европскиот центар за солидарност во Гдањск, изграден во чест на полскиот синдикат од ерата на комунизмот „Солидарност“.
Посетата на членовите на ЕК на Полска требаше да се одржи на почетокот на јануари, но беше одложена поради отсуството од работа на Фон дер Лајен, која беше заболена од пневмонија.