Чија политика озаконува изборниот систем?
ИЛО ТРАЈКОВСКИ
Започнатите активности за измени во изборното законодавство се исклучително важен момент за натамошниот политички, но и севкупниот развој на македонското општество. Но во тоа треба да биде вклучена демократската јавност, а не само партиските претставници
Според релевантни домашни и странски анализи, постојниот изборен систем кај нас е сериозен извор на кризи. Покрај чисто административните прашања како што е, на пример, начинот на водење и ажурирање на избирачкиот список, како проблематични се покажуваат и клучните елементи на изборниот систем како што се изборната формула, структурата на гласачкото ливче и големината и магнитудата на изборните единици. Поради тоа се чини сосема разумна одлуката на властите да започат со активности за измени на постојното изборно законодавство. Покрај властите, измени побаруваат и повеќето мали политички партии. За таа цел министерот за правда формира работна група за изборниот законик.
Таквите активности не се ништо ново. Во изминатиот триесетгодишен период на претставничка демократија кај нас направени се над триесет измени на законите со кои се регулираат различните изборни прашања. Сепак, резултатот од тоа е содржан во појдовната констатација дека и покрај толкуте измени сегашниот изборен систем бил и сѐ уште е генератор на политички кризи. Ефектите од изборното законодавство не настапуваат веднаш кога се донесени новите решенија, туку според анализите на Венецијанска комисија, после два изборни циклуси. На пример, кога станува збор за измената на изборниот модел или изборната формула по која гласовите се преведуваат во пратенички или советнички места ефектот од воведувањето на пропорционалниот модел кај нас се препозна четири години подоцна. Така ако во 2002 година на избори учествуваа 33 политички партии, од 2006 наваму на избори се појавуваат по 54 партии! Ваквата фрагментација на партискиот систем има политиколошки и социолошки последици – зголемена нетранспарентност и неодговорност на власта и клиентелизам, на една страна, и пад на довербата во политичките институции и на политичката партиципација на друга страна.
По оваа логика, можеме да заклучиме дека и тековните измени на изборните закони ќе продолжат во истата насока – ќе генерираат нови политички кризи, понатамошна фрагментација на партискиот систем, јакнење на клиентелистичко-коруптивните мрежи и социјални капитали наречени коалиции. Натамошниот пад на довербата во главните општествени институции ќе предивика уште посилни чувства на бесперспективност кај поподвижните демографски категории и подигање на уште повисоки емигрантски бранови.
Затоа, започнатите активности за измени во изборното законодавство се исклучително важен момент за натамошниот политички, но и севкупниот развој на македонското општество. На самиот почеток, ако веќе не е доцна, имајќи на ум дека работната група е веќе ставена во функција, насушно потребно е да се отвори прашањето за начинот на кој што се изведуваат измените во изборното законодавство и, пред сѐ, за нивната целесообрзност. Најшироката јавност, а не само партиски мобилизираната јавност треба да биде вклучена во дефинирањето на целите и приоритетите на измените.
Анализите на изминатите процеси на менување на изборното законодавство покажуваат дека во сите досегашни измени вклучените чинители се воделе главно од краткорочни цели и интереси. Главен ориентир им биле статистичко комјутерските симулации колку би добиле на следните избори или колку би изгубиле нивните опоненти. Токму таквата политика вградена во изборниот модел и другите столбови на избориот систем генерираат самобендисана и неодговорна власт – актуелна и претходна. Сѐ е според закон, сѐ е легално, ама работите не ни чинат. Значи, нешто со законот не е во ред, односно со политиката која ја легализираат тие и такви изборни и други закони.
Изборното право е само една од гранките на правниот систем. Како такво тоа има своја содржина и своја форма. Содржината на изборото право и најконкретно на оној дел со кој се регулира изборниот модел и магинитудата на изборните единици е делот во кој се пресликуваат интересите на хегемонската моќ во општеството. Таа кај нас, во овој „продолжен транзициски викенд“, стана флуидниа структура. Тешко е да се препознае и да се лоцира во некоја конкретна општествена категорија или чинител. На некој начин таа е како маглата – нѐ обвива сите, навлегува во сите пори. Постојниот изборен модел ја прави таа магла уште погуста, а најавата за измени во насока на една изборна единица ќе донесе уште помала прегледност на политичката сцена. Така, волјата на таа хегемонска моќ уште еднаш ќе се преточи во закон – изборен законик.
Единствена одбрана од тоа е вклучување на најшироката јавност во процесот на размислување и дефинирање на целите и приоритетите на изборната политика. Прашањето не е дали ни треба измена на изборното законодавство, туку какви измени треба да се направат. А одговорот на ова прашање не треба да го дадат десет или дваесет партиски дренирани експерти членови на работна група, како што обично, бидува туку целокупната демократска јавност во земјата.
За оние кои мислат дека избрното право е сложена работа разбирлива само за тесен круг специјалисти и изборни махери ќе го предочам примерот со неодамнешните измени на изборниот закон во канадската провинција Британска Колумбија. Во овој случај, канадската влада излезе надвор од дотогаш вообичаената пракса за градење јавни политики. Имајќи предвид дека со изборната политиката, односно со изборното право се обработува едно од најзначајните прашања за јавниот живот на демократските земји, владата во соработка со провинциските власти иницираше и изведе, според некои оценки, „историски, единствен и без преседан-процес на изборна реформа“. Најзначајната новина на тој процес е установувањето на граѓанско собрание за изборна реформа. На тој начин, на граѓаните им се даде можност и одговорност за нивно неекспертско, но заинтересирано и одговорно учество во промислувањето и измената на изборниот систем во согласност со потребите на граѓанството, а не само на учените и искусни експоненти на хегмонската општествена надмоќ. Од развиените демократии има и може да се научи многу повеќе од џеримандерингот кој ни е добро совладан.
(Ило Трајковски е универзитетски професор)