Чиј е Гоце Делчев?
Дали несогласувањето на 7 октомври заеднички да се чествува ликот и делото на Гоце Делчев и инсистирањето дека тој е Бугарин ќе бидат пречка Бугарија да не ја поддржи земјава на европскиот пат? Последната изјава на министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, ја разбранува јавноста. Според неа, 7 октомври ја одбележува годишнината кога Бугарија ѝ ги предала на Македонија останките на револуционерот и е неприфатлив затоа што е едно од најголемите предавства кон Бугарија. Посочи дека Бугарија нема да направи компромис за датумот за чествување на Гоце Делчев и доколку не се постигне договор околу ова прашање ќе ја напушти работата на експертската комисија.
„Гоце Делчев самиот кажал што е по националност, односно Бугарин, тоа го напишал десетина пати. Сè додека продолжуваат да ги едуцираат своите ученици со лажниот национализам, ништо нема да се смени“, изјавил Захариева.
Вицепремиерот Красимир Каракачанов беше уште поексплицитен: „За мене ваквиот предлог е нескриен потсмев, што всушност го минира процесот на подобрување на односите меѓу двете земји. Досега, процесот со Скопје главно се потпира на великодушноста на Софија и посветеноста на меѓународните фактори. Но очигледно време е Бугарија да ја зацврсти својата позиција, слично како што направи грчката страна. Ако продолжи ова, бугарската делегација мора да стане од масата со сите можни последици за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и НАТО. Вината за тоа нема да биде наша“.
Изјавата на Захариева следуваше по одржаниот прв состанок во понеделникот на заедничката меѓувладина комисија меѓу Македонија и Бугарија, која е формирана согласно обврските кои произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан речиси пред две години, на 1 август 2017 година, а со кој копретседаваат министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Никола Димитров и Екатерина Захариева. Дводневната шестата средба на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, пак, се одржа на шести и седми јуни.
Академик Драги Ѓоргиев, кој е на чело на македонскиот експертски тим, не сака да ја коментира изјавата на Захариева, односно изјави на политичари, оти тоа е нивно видување на процесот, но може да зборува за она што го работела комисијата. За последната средба рече дека за бугарскиот експертски тим било неприфатливо 7 октомври да биде датум за заедничко чествување на Гоце Делчев, оти тој период го сметаат за дел од комунистичкиот режим кога се донесени одлуки кои биле погубни за бугарските национални интереси. Инсистирале заедничкото чествување да биде на 4 мај, денот на загинувањето на Гоце Делчев, датум за кој веќе е воспоставена традиција и кај двете земји.
„Датумот за чествување 7 октомври беше предложен во нашиот текст, како датум на предавање на останките на Гоце Делчев од Народна Република Бугарија на Народна Република Македонија, покрај други јубилејни датуми врзани за Гоце Делчев. Разговорите за чествувањето на ликот и делото на Гоце Делчев не се прекинати, напротив продолжија. Ние го имаме на знаење нивниот став дека за нив е неприфатлив датумот 7 октомври, меѓутоа продолжуваме да разговараме, утврдивме некои заеднички согласности околу биографски податоци за Гоце Делчев и ќе продолжиме и понатаму да разговараме. Следната средба ќе биде во првата половина на септември. Ние повеќе треба да се концентрираме на тоа зошто денес е важен Гоце Делчев за нас и за нив. Зошто ние го славиме, зошто тие го слават, и да најдеме решение. Дискусијата и расправата за одредувањето на неговиот идентитет е нешто што нема да даде резултат, нешто што повторно ќе создаде спротивставени мислења и гледања. Меѓутоа, аспектот дека се слави е важен и за Македонците и за Бугарите и може да создаде простор Гоце Делчев да биде мост меѓу двата народа и во тој правец јас го гледам напредокот. Секое наметнување на исклучив став од која било страна и чувство на триумф на едниот над другиот, дека едниот го победил другиот, е апсолутно деструктивно за работата на комисиите. Затоа, веќе реков дека работа на комисијата не е да има поразен и победник во овој дијалог туку да се најде решение со кое и двете страни нема да го изгубат своето достоинство“, објасни Ѓоргиев.
Комисијата веќе постигна согласност за заедничко чествување на светите Кирил и Методиј. Во фаза на изработка се препораките за средниот век, меѓу кои и тоа како да бидат претставени св. Кирил и Методиј во учебниците, оти и во нивните и во нашите се национализирани од денешен современ аспект, дека биле или Македонци или Бугари.
„За учебниците се согласивме и ги усвоивме препораките за праисторија и антиката кои ќе бидат доставени до владите. Во текот на овие два месеца ќе ги разменуваме нашите забелешки, ќе ги моделираме за да имаме прочистен текст на препораки кои ќе ги разгледуваме во Софија и евентуално ќе ги усвоиме препораките за средниот век и ќе им ги предадеме на владите. Меѓу другото, се работи за цел тој антички период и праисторија до раниот среден век“, објасни Ѓоргиев.
Вероника Мароска-Леова