Четирите фази од владеењето на Александар Вучиќ

Граѓанските движења најдоа обединувачки фокус во драматичните еколошки закани за Србија. Тука немаше значајни идеолошки разлики


Владеењето на Александар Вучиќ може да се подели во четири фази. Првата беше додека тој ги извршуваше државните и јавните работи во статус на прв вицепремиер (ППВ). Тогаш беше потпишан Бриселскиот договор со кој беше номиниран за политичар кој ќе го реши проблемот на Косово; на овој начин тој доби речиси универзална поддршка од важни надворешни фактори кои инсистираа на нормализација на односите меѓу Србија и Косово, што би завршило со признавање на Косово како независна држава.

Во тој период „го читаше Макс Вебер“, зборуваше за модернизацијата на Србија, дека Србија ќе биде како Финска, дека ќе се занимава со корупција, почнувајќи од спектакуларното апсење на Мишковиќ. Дополнително, се водеше жешка кампања против поранешната власт и демонизирање на опозицијата како клучен непријател кој треба да се уништи затоа што ја уништи Србија, а Вучиќ се прогласи за спасител на Србија.

Втората фаза е поврзана со предвремените парламентарни избори, врз основа на кои тој стана премиер наместо Дачиќ. Неговите главни преокупации во тоа време беа (1) ставање под контрола на медиумите, односно зголемување на бројот на таблоиди и ТВ станици со национална фреквенција под негова контрола и (2) спроведување на Договорот од Брисел за да се добие датум за преговорите за пристапување во ЕУ. Веднаш штом ова беше добиено на 20 јануари 2014 година, беа распишани нови предвремени избори на кои тој освои повеќе од убедливо мнозинство, што му овозможи да го контролира парламентот и да ги зајакне односите со надворешните фактори (особено Германија) кои почнаа да му гледаат низ прсти околу почитувањето на правата на граѓаните и законот. Очекуваа решение за Косово преку интензивни преговори, кои досега не дадоа резултати, а моментално стигнаа до ќор-сокак. Како што стана премиер, главна тема стана економијата, односно подмирување на огромниот дефицит што се закануваше со банкрот. Тоа го постигна главно со незаконско намалување на пензиите, што не доведе до поголемо незадоволство кај јавноста. Операцијата за подмирување на дефицитот ја спроведе Душан Вујовиќ како министер за финансии.

Веќе тогаш започна третата фаза, чија главна карактеристика е нападот врз сите независни институции, пред сѐ судството – удирањето по опозицијата и независни медиуми се подразбираше – па трендот кон автократија и зајакнување на култот на неговата лична власт веќе беше повеќе отколку видлив. Како претседател на партијата изгради контролирана партиска кула од членови, од месната заедница до врвот, а партиската „армија“ од ден на ден растеше и стануваше сѐ помоќна.

Во втората фаза Александар Вучиќ вети дека ќе го спроведува Бриселскиот договор за да добие преговори со ЕУ. Тие преговори сега се во ќор-сокак

Третата фаза го достигна својот карактеристичен врв кога успеа да го натера тогашниот претседател Николиќ да се откаже од кандидатурата за претседател за тој да се кандидира, бидејќи само преку двојната претседателска функција – партија и држава, практично го контролира целиот институционален систем (собрание, владата, судството и целиот јавен сектор). Така дополнително ја зајакна партиската машинерија и распореди свои луѓе на сите директори и раководни позиции, сè до мешетарење со фудбалски функционери и клубови, вклучувајќи ги и „навивачите“ (хулиганите) кои ги држеше под контрола. Така се комплетираше личната власт: преку партијата ја контролираше инфраструктурата на државата.

Од друга страна, тргна поинтензивната борба на опозицијата (додуша, многу слаба), која ги конструираше главните барања околу изборните услови, бидејќи тие веќе не постоеја во демократски рамки. Првите демонстрации на граѓаните од 2018 година се однесуваа на институциите, изборните услови и авторитарната власт. Партиите побараа демократски изборни услови за изборите во 2020 година под закана од бојкот, што на крајот се случи и поради што актуелното собрание е практично еднопартиско.

Оваа фаза се карактеризира со избивање на бројни коруптивни и арамиски скандали, кои несомнено укажуваа дека државата на Вучиќ е тотално корумпирана, дека високиот криминал цвета под раководство на владата и дека Србија стана мафијашка држава, за што се пишуваше многу во последно време.. Аферите „Беливук“ и „Јовањица“ станаа афери пресвртница, кои ја подјадоа власта на Александар Вучиќ, толку силно што после нив како ништо да не е исто.

И не беше исто. Имаше пресврт. Додека опозицијата не успеа да најде формула која ќе ги обедини различните политички партии и движења за претстојните избори во 2022 година, граѓанските движења најдоа обединувачки фокус во драматичните еколошки закани за Србија. Тука немаше значајни идеолошки разлики. Има заеднички фокус и затоа вреди да се потсетиме на зборовите на Сава Манојловиќ дека двата закони – за референдум и за експропријација, кои и двата му помогнаа на „Рио Тинто“ – ги спојуваат сите идеологии: десничари, левичари, националисти и „граѓанисти“, антиваксери и проваксери. Едноставно, сите овие разлики се бришат пред овие два закони кои се закануваат да ја нападнат државата во природна, буквална смисла. Политичките определби повеќе не беа камен на сопнување за обединување на сите движења и партии, па можеа брзо да се однесат и првите мали победи. Што и се случи.

Додека претходно зборувавме за „заробената држава“, односно за киднапираните државни институции, борбата се одвиваше околу институциите, демократијата, слободата на печатот и изборните услови, сега дојде до концептуално поместување што ги мотивираше граѓаните повеќе да се покренат. А факт е дека од протестот на граѓаните во 2018 година до денес, власта на Вучиќ им се смачи на многу поголем број луѓе. Се стигна до заробување на земјата, бидејќи државата тргна во буквална трговија со земјата, минералните суровини и оние чие вадење неповратно ја убива животната средина и го раселува населението.

Земјата е основата. Тешко е кога државата е заробена од автократија, но уште потешко е кога автократијата ќе ја заземе земјата и ќе ја претвори во колонија. Земјата е темел и недопирлива вредност за луѓето од сите концепции. Воопшто не е важно што мислат за институциите, изборните услови, националното прашање, Косово, национализмот, БиХ итн., каков е нивниот однос кон другите и каде се сместени во различни идеологии. Не станува збор за однос со друг, туку спрема сопствената земја. Нема потемелно ткиво кое би ги собрало сите, ама баш сите незадоволни и различни. А тој фундамент е земјата што се искажа во слоганот Не ја даваме Србија, не ја даваме нашата земја.

Овој нов феномен е многу пофундаментален, бидејќи сега на сцена е борбата против заробената земја – е, тоа веќе никој не може да го оспори, освен отуѓената елита која е толку гладна за пари што е подготвена да ја продаде земјата, тлото под нозете.

Кога наместо национализам преовладува патриотизмот за заштита на земјата во нејзината буквална, природна смисла, кога нема однос кон другиот, туку спрема самиот себе, спрема воздухот, водата, земјата и шумите, тогаш нема откажување од тој фундамент. Владата во голема мера го нападна тој фундамент и се обидува со заробената држава да ја зароби земјата. Тој фундамент дека земјата не може да се даде ги обединува сите идеологии и создава услови дека кога ќе ја браниме нашата земја од узурпатори кои радо би ја продале, во следниот чекор почнуваме да се бориме за нашите политички сфаќања, слобода и демократија. Но, тоа е само вториот чекор, како што е третиот и последователен, да не се држиме за суетно и соседско расправање и омраза кон соседите, да тргнеме по нов пат: од национализам до патриотизам, како што ни препорача Ѓинѓиќ во своето прочуено предавање, непосредно пред самото убиство. Ако успешно ги поминеме тие битки од борбата за земјата до борбата за демократија и просветлување, има шанса не само да ја истераме мафијата на Вучиќ, туку и никогаш да не ни се врати.

(Весна Пешиќ е познат српски социолог, политичар и борец за човекови права. Текстот е објавен во „Пешчаник“)