Четиринаесет пријавени за евакуација од Дубаи не се појавиле на аеродромот

Во Доха се регистрирани 162 лица, од кои 89 сакаат да бидат евакуирани. Во Кувајт се пријавени 36 лица, во Бахреин 15, додека во Саудиска Арабија пет


 

Четиринаесет македонски државјани кои биле пријавени за евакуација вчера не се појавиле на организираниот лет од Дубаи, информираше министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

„14 лица вчера не се појавија на летот од Дубаи. Овие лица до последен момент барале евакуација. Контактиравме веднаш преку нашето дипломатско претставништво други граѓани, кои ги вративме, а беа на листата за чекање“, изјави Муцунски.

Тој посочи дека во повеќе земји од регионот се евидентирани македонски државјани кои побарале помош за евакуација.

Во Доха се регистрирани 162 лица, од кои 89 изразиле подготвеност да бидат евакуирани. Во Кувајт се пријавени 36 лица, во Бахреин 15, додека во Саудиска Арабија се пријавиле пет лица.

„За нив е предвиден организиран транспорт до Ријад како централна точка за собирање, по што во текот на неделата ќе има директен лет“, рече Муцунски.

Министерот додаде дека од Дубаи во текот на неделата се планирани уште два летa, со цел евакуацијата да се реализира во целост.

„Динамиката е јасна – до крајот на неделата да има извлекување на сите граѓани“, истакна Муцунски.

Тој потврди дека Владата нема да наплаќа за евакуацијата на македонските државјани од Блискиот Исток, нагласувајќи дека во вакви кризни ситуации институциите имаат обврска да помогнат.

„Одлучивме да не наплаќаме од граѓаните. На сите ни е многу лесно да критикуваме од дома, не дај боже да бидеме во таква ситуација. Владата и министерството, во ситуација на криза, се тука да помогнат и нема да очекуваат да се надоместат трошоците“, изјави Муцунски.

Тој информираше дека има и поединечни случаи на граѓани кои побарале специфичен начин на евакуација.

„Едно лице побара да не биде евакуирано преку Египет. Има граѓани кои побараа помош, но тоа да биде од Израел. На едно лице му обезбедивме авионски билет, а за уште едно лице работиме на логистиката“, рече министерот.

Муцунски појасни дека при евакуацијата се применуваат одредени приоритети.

„Приоритет имаат мајки со деца, потоа туристи, а од некои земји беше побарано да се извлечат и странски државјани поради специфични околности. Во следните два лета повторно ќе има и странски државјани“, изјави Муцунски.