Честитки за Велигден од Пендаровски и Ковачевски
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Велигден, упати честитка до поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан и сите православни верници, до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев и припадниците на Евангелско – методистичката црква во државата.
„Најискрено ви посакувам празничните денови да ги поминете, пред сѐ, во добро здравје, неизмерна радост и во среќа, исполнети со духовен мир.Вдахновени од Христовото страдање за човештвото и од неговото воскреснување да им дадеме смисла на нашите животи и да ги победиме искушенијата, отворајќи ги нашите срца и споделувајќи безусловна љубов.
На овој Велигден да помислиме на сите оние коишто страдаат во воените судири, коишто се погодени од елементарни непогоди, коишто се соочуваат со здравствени тешкотии, на сите оние коишто се без топлината на својот дом, на разделените од семејствата, на сите во беда и немаштија. Ним да им ги посветиме нашите молитви и благослови. Се надевам дека светлината на Велигден ќе ни даде сила и поттик за добра мисла и за добри дела“, стои во честитката на претседателот на државата.“
Честитка испрати и премиерот Димитар Ковачевски кој порача дека најголемиот празник во календарот на православните верници го одбележуваме во време кога целиот свет поминува низ глобална економска криза и низ тешките предизвици како што е војната во Украина со сите последици од неа.
„Велигден е празник на спасението. Го означува крајот на Христовите страдања и со кој се слави победата над смртта. Нè потсетува на потребата да се преиспитаме и со скромност како одговорни чинители на нашата заедница да понесеме саможртва за доброто на сите, заштитувајќи се себеси и здравјето на блиските.
Во овие драматични мигови за нашето современие, Велигденските денови се можност да се свртиме кон повикот да создаваме добри дела и да покажеме солидарност, почитување и разбирање еден кон друг.
Велигден е и празник на надежта и верувам дека од празникот со кој го славиме спасението сите ќе излеземе посилни и подобри.Со таа надеж за подобри денови, да бидеме исполнети со хармонија и прошка, мир и просперитет, без поделби и конфликти.Ви посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје и духовна сила! Нека е честит големиот христијански празник – Велигден!“, стои во честитката.