Честитики по повод Курбан Бајрам: Солидарноста ја облагородува душата и му дава вредност на животот


Фото: Б. Грданоски

По повод празникот Куран Бајрам, честитики упатија повеќе носители на државни и партиски функции. 

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, по повод големиот муслимански празник Курбан Бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху и до сите граѓани од исламска вероисповед.

На поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху и на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите верници од исламска вероисповед во Република Северна Македонија, Сиљановска Давкова им упати честитки по повод големиот муслимански празник – Курбан Бајрам.

– Најискрено посакувам празничните денови да донесат среќа, радост, љубов, хармонија и мир. Курбан Бајрам ги потенцира благодетелта, дарувањето и солидарноста, инспирирајќи нѐ на хумани дела и поддршка на сите на кои им е потребна. Да си даруваме и помагаме, да си бидеме поткрепа еден на друг, заедно во добро и лошо без разлика на верската, етничката, половата или било која припадност и да работиме на просперитетот на нашата татковина и благосостојбата на сите македонски граѓани, стои во честитката од претседателката Сиљановска Давкова, соопштија од нејзиниот Кабинет.

Премиерот Талат Џафери упати честитка за празникот Курбан Бајрам до поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи, како и до членовите на Ријасетот, муфтиите и до верниците од исламска вероисповед. 
 
Во честитката Џафери им упатува на сите верници од муслиманска вероисповед, над сѐ добро здравје, широкоградост, солидарност и правење добри дела кои, како што вели, ќе им ја облагородат душата и ќе му дадат вредност, мотив и квалитет на вашиот живот.
 
– Во исто време, посакувам аџиите кои актуелно се молат и ја оддаваат потребната почит на светиот пат на аџилакот, да упатат молитви и за сите граѓани и за Република Северна Македонија, нашата заедничка држава, за успешна година, во мир, во благосостојба и виден напредок во секое поле од општествениот и меѓународниот живот. Покрај молитвите, сите заедно да го направиме тоа што можеме за да осигуриме мир, благосостојба, и сигурен живот за оние што во ова време се засегнати од војни, болести и природни несреќи, затоа што животот е свет и сите треба да му се радуваат подеднакво, стои во честитката од Џафери, соопштија од владината прес-служба.
 
Курбан Бајрам, се додава, нека биде причина за собирање околу семејното огниште, за споделување на радостите, успесите, меѓутоа и грижите и проблемите, затоа што семејството е суштинското јадро и клетка од која почнува и се гради здраво општество со позитивни вредности и стандарди.

– Нека е честит и за многу години празникот Курбан Бајрам!“, напиша премиерот Џафери во честитката до поглаварот на ИВЗ, Фетаи.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој е и мандатар за формирање на новата влада, по повод празникот Курбан Бајрам лично и во име на членовите на ВМРО-ДПМНЕ на сите припадници на исламската вероисповед им го честита големиот верски празник Курбан Бајрам.

На сите што го празнувате овој голем празник, вели тој во честитката, ви посакувам многу здравје, среќа и нека празничните мигови ви поминат во спокој, љубов и радост со најблиските. Курбан Бајрам, се додава, да го поминете во духот на дарежливоста, помагањето и споделувањето на оние кои им е потребна помош истакнувајќи ја човечката хуманост и грижливост во овие прaзнични денови. Овој голем празник, се подвлекува во честитката упатена од Мицкоски, е потсетник на човечкото постоење, како и на големото значење на меѓусебната доверба, разбирање и толеранција како суштински услови за соживот и мир.

– Затоа ве повикувам сите заедно да започнеме, надминувајќи ги заеднички сите проблеми, да ја градиме Македонија врз европски вредности и принципи. Дојде време заеднички да изградиме поцврсти темели за подобар животен стандард за секој еден граѓанин без разлика на неговата етничка или верска припадност, темели за развој и просперитет на нашата држава. Сите обединети сплотени да изградиме држава каде што ќе има хармонија и напредок, економски просперитетна Македонија, стои во честитката упатена од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод празникот Курбан Бајрам.