Честите врнежи од дожд помогнаа да има чист воздух во Тетово


Чист воздух е придобивката во Тетово тоа што изминативе месеци често пати имаше дожд, вели специјалистот по здравствена екологија и хигиена д-р Ратко Давидовски од тетовскиот Центар за јавно здравје кој ги анализирал состојбите овие три месеци.

Параметрите кои се евидентирани преку Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух за Тетово покажуваат дека особено во април и мај нема надминување на граничната вредност од 50 ПМ10 на метар кубен. Во март иако има надминување во неколку денови, е само малку над дозволените граници, додека воопшто нема надминување на ПМ 2,5.

– Скоро три месеци, март, април, мај Тетово и тетовчани после долг период, повторно дишат чист воздух, по сите параметри, не се надминати максимално дозволени концентрации. Кога беше целосното затворање поради пандемијата пред три години тогаш беа вакви резултати. Освен на дождот, тоа се должи и на релативно топлото време што го имавме во скоро цела зима и рана пролет, што значи дека помалку се затоплуваат домовите. Секако и дека имаше влијание зголеменото користење на инвертер клими наместо печки на дрва и пелети. Најмногу влијае на аерозагадувањето ветерот, имавме ветровити денови. А исто така и дождот, затоа што дождот го спушта долу на земја, ги честичките и ги испира, образложува д-р Давидовски.

Тој вели дека честите дождови за Тетово се голема благодат затоа што има и други работи кои поволно влијаат за квалитетен воздух.

– Не смееме да заборавиме дека и природата сега е бујна поради обилните дождови. Со огромна лисната маса на дрвјата кои пак се најдобар прочистувач на воздухот и филтер. Секако ова е голема придобивка за здравјето на населението ако знаеме дека научно тоа е потврдено тоа што имаме регенерација односно реверзибилни промени на оние оштетувања на дишните патишта. Што значи дека се ревитализира организмот така да уживаме во овој период од годината со чист и квалитетен воздух, потенцира д-р Давидовски.

Докторот понатаму вели дека дождовите придонесоа за нестабилното време кое пак лошо влијае кај оние со хронични заболувања и метеопати, но од друга страна повторно потенцира дека најбитно од сè што и тие луѓе како сите дишат чист воздух. Уште треба да се подобрат состојбите во сообраќајот и да помалку се користат возилата.

– Неповолно влијае сообраќајот во Тетово. Не се научивме да го користиме јавниот превоз, а гледаме дека е хаотично низ градот затоа што нерационално се користат возилата. Апел што повеќе да се користи јавниот превоз и велосипеди. Луѓето да имаат физичка активност. Би имале уште поквалитетен воздух да не е таков каков што е сообраќајот во Тетово, вели тетовскиот специјалист.

Во Тетово во 2022 година од 365 денови 108 биле со загаден воздух. Во 2021 година имало 132 денови со загаден воздух односно надминување на дозволената гранична вредност од 50 ПМ10 на метар кубен. Во 2020 година од 366 денови 138 биле со загаден воздух во Тетово. Тетовци најмногу се соочуваа со загадениот воздух во 2015 година со оглед дека од 365 денови дури во 350 имало високо присуство на штетните ПМ10.