Судење за 27 април: Речиси цело раководство на ВМРО-ДПМНЕ било на 8. кат во штабот на партијата

Судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година продолжува на 11 февруари, откако на денешното рочиште беа сослушани повеќе сведоци на одбраната. Сите сведоци на одбраната имаа слично сведочење – дека биле шокирани од настаните, но дека партијата на никој начин не била инволвирана во упадот. Според нивното сведочење, речиси целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ се собрало на 8. кат во седиштето на партијата и таму разговарале за она што се случува.
Поранешниот технички премиер, Емил Димитриев, изјави уште дека поддршката за партијата меѓу сестринските народни партии сериозно се намалила по 27 април и дека главен губитник била ВМРО-ДПМНЕ.
Повеќето сведоци во својот исказ кажаа дека Александар Василевски-Нинџа не бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април 2017 година. Тие сведочеа за атмосферата во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, каде според нив имало голема раздвиженост и над 150 луѓе и биле присутни голем број на пратеници, функционери и членови на Централниот и Извршниот комитет, како и обични членови на партијата.
Емил Димитриев, кој во 2017 година беше технички премиер, рече дека имал обраќање со кое ги осудил настаните, со кои на меѓународен план се испратила лоша слика за државата, а ВМРО-ДПМНЕ загубила најмногу.
„Тоа следуваше по состанокот на народните партии во Малта кога недвосмислено добив поддршка, а после 27 април ја немаше таа поддршка во тој обем. На домашен план се направи голема поларизација на општеството и сѐ на сѐ сметам дека тој настан фрли една црна дамка на фунционирањето на државата“, рече Димитриев.
Тој рече дека на состанокот на Малта со сестринските партии до овие настани постоела поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, во насока дека согласно изборниот резултат, во најмала рака ако не формира влада може да дојде и до состојба да се направи коалициска влада со опозицијата.
Димитриев кажа дека на 27 април 2017 година немал комуникација со Спиро Ристевски, Миле Јанакиески и Трајко Вељаноски.
Тогашниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, рече дека немал средба со лицата Игор Дурловски, Борис Дамовски, Владо Јовановски и Богдан Илиевски за финансирање на движењето „За заедничка Македонија“, укажувајќи дека некои од нив не ги ни познава.
„Ниту сум имал средба со овие лица, ниту сум имал комуникација со овие лица“, рече Божиновски.
Божиновски на критичниот ден бил во Владата, каде останал до доцните попладневни часови, по што се упатил во Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
„Таму се упатив на 5. кат и се сеќавам дека откако пристигнав на телевизорот имаше директно известување за влез на толпа народ во Собранието. Тогаш почна голема раздвиженост во штабот и атмосфера на вознемиреност“, рече Божиновски.
Прашан дали ги видел лицата Александар Василевски-Нинџа или Митко Чавков, тој рече – не.
На прашање од Судот, кои лица биле во штабот на ВМРО-ДПМНЕ додека бил таму на 27 април, сведокот рече дека имало голема загриженост и раздвиженост и дека не може да се сети на имињата.
„Откако заврши настанот, поголем дел од присутните се упатија на 8. кат, каде е салата за состаноци и имаше врвулица од над 150 луѓе. Не беше тоа класичен состанок, едни влегуваа, други излегуваа. Повеќе можам да кажам дека спонтано се собираа луѓе кои прашуваа што се случува“, рече Божиновски.
Прашан на кого може да се сети од тие 150 луѓе, Божиновски рече дека може ги видел Емил Димитриев, Спиро Ристевски и Миле Јанакиески.
Сведокот Иво Котевски, кој во 2017 година бил директор на Центар за комуникации во ВМРО-ДПМНЕ и ги координирал комуникациите внатре и надвор од партијата, рече дека партијата немала одлука за поддршка на протестите на движењето „За заедничка Македонија”, но ги следеле и известувале.
Котевски кажа дека на 27 април 2017 година некаде после 19 часот во неговата канцеларија на 2. кат биле Спиро Ристевски и Миле Јанакиески, но дека околу 20 часот се упатил на 8. кат на партијата, каде како што се сеќава дека ги видел Зоран Ставрески, Владимир Пешевски, Никола Тодоров, Ванчо Костадиновски и голем број пратеници, функционери и членови на раководството, како и обични членови.
„Се следеше медиумското покривање на настанот и сите сакаа да дознаат што точно се случува таму“, рече Котевски.
На прашање од Судот, дали на 27 април 2017 година имал комуникација со месни и општински комитети, сведокот рече дека поради работата комуницирал со многу луѓе и можно е тој ден да имал комуникација и со некој од општинските комитети.
Сведокот Луке Галевски, кој во 2017 година беше државен советник во владат, рече дека протестите на „За заедничка Македонија“ биле граѓански и лично не присуствувал на ниту еден, иако лично се согласувал со поголем дел од нивните барања.
На 27 април 2017 година попладне бил на 2. кат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Таму биле и Иво Котевски и Спиро Ристевски.
„Ние бевме зачудени од тоа што се случува и ние се информиравме од медиумите. Накај 9 часот се качив на 8. кат, каде имаше многу луѓе. Бидејќи имаше голем број луѓе, секој си имаше свое мислење, но генерално беше шок и неверување“, рече Галевски.
Рече дека не го познава Александар Василевски-Нинџа и дека не бил во партијата.
На прашање од Судот дали раководството на ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија тогаш имале состанок по тоа што се случило во државата, сведокот рече дека, во тој период немало состанок или координација на партијата која нему му е позната.