Цените на суровата нафта цел месец се во пораст, што значи тоа за акцизата кај нас


Цените на нафтата кои во последните четири недели забележаа пораст денес беа стабилни – суровата нафта „брент“ утринава се зголеми за пет центи, или 0,14 отсто, на 35,08 американски долари за барел, додека американската нафта WTI порасна за 14 центи, или 0,42 проценти, на 33,39 долари за барел, јави „Ројтерс.

Во споредба со почетокот на годинава, цените на двата вида нафта, сепак, се пониски за околу 45 проценти.

Ваквиот тренд е резултат на помалата понуда која го неутрализира растечкиот скептицизам за обновување на побарувачката.

Сомнежите меѓу играчите на пазарот во врска со закрепнувањето на побарувачката беа поттикнати заради тензиите меѓу САД и Кина, најголемите потрошувачи на „црно злато“ во светот, поради одлуката на Пекинг да воведе закон за безбедност во Хонг Конг.

За заздравувањето на цените на нафтата придонесоа и помалите испораки на Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници, кои речиси еден месец доброволно го намалија производството за 9,7 милиони барели на ден. Во исто време, намален е и бројот на американски бушотини, кои се прелиминарен показател за идното производство. Нивниот број се наамали за 21 на рекордно ниско ниво од 318 бушотини.

Инаку, цените на нафтените деривати кај нас не се важни само поради трошоците за нивната набавка, со оглед дека нашата земја е целосно зависна од увоз на овој енергенс, туку и поради зголеменета акциза за три денари за литар, која како анти кризна мерка беше воведена на 21 април и е со важност до крајот на годинава.

Како што е познато, дополнителните три денари се врзани за движењето на цената на нафтата. Ако малопродажната цена се зголеми за 10 денари, акцизата ќе се намали за еден денар, така ќе остане покачена за два денари, а ако малопродажната цена се зголеми за 20 денари, акцизата ќе се намали за три денари, или ќе се врати на цената која беше пред воведување на оваа анти-кризна мерка. Во моментот на зголемување на акцизата, цената дизел горивото беше 46,50 денари за литар, додека на моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 изнесуваше 52 денари за литар, а на ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 54 денари за литар.

Сегашните цени на дериватите, пак, се 54,5 денари за литар ЕУРОСУПЕР БС – 95, 57 денари за литар ЕУРОСУПЕР БС – 98, за ЕУРОДИЗЕЛ БС е 47 денари за литар.