Цените на пазарите никако да паднат, прескапо е и за иселениците


Зелен пазар, 16.9.2022 (Фото: Б. Грданоски)

Цените на пазарите во однос на лани  се за речиси 40 отсто повисоки, велат граѓаните анкетирани од ТВ21. Високи цени се забележуваат кај сите видови овошје и зеленчук, иако  сме на крајот на август и вообичаено се пониски. И иселениците ги чувствуваат овие цени, не само локалните жители.

-Овде цените се многу високи, јас бев во Германија и цените таму се за половина поевтини од кај нас, има попусти и на облека и на се, додека кај нас нема никакво намалување. Од лани околу 40% поскапо е оваа година. Ние што сме во странство не чувствуваме толку многу, додека за тие што живеат овде е малку скапо. Некои работи се поскапи, вели иселеник од Германија.

-Овде е полошо отколку во Америка, цените се многу високи, за овој стандард овде треба да бидат многу пониски, додека овде цените се повисоки отколку во Америка.
А оваа состојба е уште понеподнослива за домашното население кое живее од плати и пензии, вели друг иселеник.

Слични оценки има и од останатите иселеници:

-Пазарните цени се екстремно скапи, нема контроли на цените, во однос на лани се многу поскапи, речиси двојно се зголемени, тоа за потрошувачите е многу тешко.

-Цените се скапи, во однос на лани се многу поскапи, доматите се 100 денари, 80 денари, нема намалување за пиперките, за се.

Дури и трговците велат дека интересот на граѓаните е послаб и не купуваат по два или три килограми како претходните години, туку многу помалку поради цените.

Владата на Северна Македонија од 1 јуни ги укина сите мерки поврзани со ограничување или замрзнување на цените на прехранбените производи. Одлуката за ограничување на цените на основните прехранбени производи беше одобрена на 1 март и главно се однесуваше на намалувањето на цената на лебот. Покрај лебот, цените беа замрзнати и за многу други производи, како брашно, шеќер, масло, грав, кромид, овошје и зеленчук, но оваа мерка беше укината и цените на производите и понатаму се високи.