Целосна рашомонијада околу „самоунапредувањето“ на екс-директорката на Завод и Музеј Битола
Министерството за култура два пати го опомени и казни Завод и Музеј Битола и пак ништо. Министерството за финансии вели дека Култура е одговорна за висината на платите
БИТОЛА – И покрај изречените опомени и казни од Министерство за култура, екс-директорката на Завод и Музеј Битола Мери Стојанова продолжува да прима повисока плата како кустос – советник, додека ОЈО Битола истражува дали е направено несовесно работење во службата.
Веќе две години заглавени во институционален лавиринт нема напредок околу случајот со самоунапредувањето на Стојанова. Ова е еден од ретките случаи кога државен функционер за време на директорување сам се унапредува на работното место кое е ставено во мирување.
Во моментов ОЈО Битола утврдува дали осомничената имала законски основ додека директорува и додека нејзиното работно место како виш-кустос мирува, да се самоунапреди. Стојанова беше на функција од јануари 2018 до септември 2024 година. Отогаш досега во Заводот се назначени два директори, Зоран Николовски и Маргарета Спасов која е на функција.
„Независен“ доби одговор од Министерство за култура и Министерство за финансии за случајот со самоунапредувањето.
Министерство за култура во писменото образложение тврди дека два пати извршило инспекциски надзор, исто толку изрекло опомени, па дури и една прекршочна глоба, но институцијата досега не презела ништо.
Првпат Министерството за култура во декември 2024 г. извршило вонреден инспекциски надзор во битолската институција по наредба на министерот за култура.
„Во однос на наводите од Барањето поднесено од Заводот за ‘можни неправилности во распоредувањето на претходната директорка, на работното место – кустос советник’, односно Решението од 14.9.2020 г., донесено од страна на Мери Стојанова (како тогашен директор на Заводот), за нејзиното распоредување на работно место, со повисокото звање – кустос советник (без согласност за обезбедени финансиски средства од надлежното Министерство за финансии). Во инспекциската постапка, на субјектот на надзорот му е издадено Решение со опомена од 27.12.2024 г., при што инспекциската мерка со цел отстранување на утврдените неправилности, е изречена согласно Законот за културата…“, се наведува во информацијата на Сабина Синан, главен инспектор за култура до „Независен“.
Неколку месеци подоцна, во пролетта 2025, извршен е контролен инспекциски надзор и „записнички е утврдено дека иако субјектот на надзорот постапил по издаденото Решение со опомена, се уште не беше отстранета неправилноста во врска со Решението за распоредување од септември 2020 г.“
Во август 2025 следи вториот инспекциски надзор, и пак е утврдено дека Заводот нема постапено по насоките на инспекцијата. Овој пат инспекциите изрекле и казни за институцијата – „дека во определениот рок ги нема преземено соодветните мерки и активности за отстранување на утврдената неправилност, поради што на сторителите на прекршокот им е предложена постапка за порамнување, со издавање на прекршочни платни налози со глоба, а воедно е издадено и ново Решение со наредба за отстранување на неправилноста (ноември 2025 г.)“, наведува Синан.
Министерството за финансии на прашања од „Независен“ објаснува дека надлежен буџетски корисник од прва линија е Министерството за култура, а исплатата на платите се врши врз основа на доставени податоци, за чии точност е одговорно самото раководство на институцијата.
„За точноста на податоците и нивна усогласеност со законските прописи одговорно е раководното лице на буџетскиот корисник. Конкретниот буџетски корисник, согласно Законот за буџетите, е единка од втора линија којашто се финансира преку соодветен буџетски корисник од прва линија. Надлежен буџетски корисник од прва линија во конкретниот случај е Министерството за култура и туризам“, наведуваат од Министерство за финансии.
Министерството за култура понатаму додава дека стекнатото стручно звање е основ за прераспоредување во повисоко работно место, под услов систематизацијата да е одобрена од Министерството за јавна администрација и обезбедени финансиски средства од Министерството за финансии.
„Министерството за култура нема надлежност во постапките за донесување на актите за систематизација, ниту во нивното спроведување.“
Од Министерството наведуваат дека одговорни за постапките на установата се директорот и Управниот одбор.
Всушност ваквата поделена одговорност меѓу институциите дополнително го комплицира случајот: Министерство за култура – врши инспекциски надзор и утврдува неправилности, но нема надлежност да одлучува за систематизацијата на работните места. Министерство за финансии – врши исплата на плати врз основа на доставени податоци, не ја оценува законитоста на одлуките. Установата (директор и УО) – можат да ја поништат спорната одлука.
Раководството на Завод и Музеј Битола засега чека исход од предистражната постапка на ОЈО Битола. За случајот побаравме одговор и од Државниот инспекторат за труд, надлежен во делот на работните односи, но не добивме одговор. Одговор нема ни од Државниот завод за ревизија.
Пет години по носењето на решението, СВР Битола почна истрага и лани во ноември излезе со кривична пријава за екс директорката, за „несовесно работење во службата“ спротивно на Законот за вработени во јавен сектор и Законот за работни односи.
Од ОЈО Битола потврдија дека во тек е предистражна постапка, се испитуваат лица и е преземаат други дејствија по што ќе биде донесена одлука.