Цела публика на нозе на фантастичниот концерт на Влатко Стефановски со гостинот Бајага во Скопје (фото)

Легендарниот Влатко Стефановски прослави 50 години кариера со одличен тричасовен концерт во Филхармонија, кој беше исполнет докрај, како последна станица од регионалните концерти со специјални гости. Гитарскиот виртуоз заедно со бендот одржа еден вид мастерклас и на верната публика ѝ се одолжи со концерт за паметење, кој почна елегично и медитативно, со антологијата „Абер дојде, Донке“, од репертоарот на „Леб и сол“, која на фестивалот во Опатија во 1978 година го привлече вниманието на тогаш широкиот југословенски аудиториум, а заврши бравурозно со овации, бисови, и на нозе, со песната „While My Guitar Gently Weeps“ од новиот албум „London Sessions“, снимен во легендарното Abbey Road Studio 3 во Лондон, каде што се роди дискографскиот бисер на „Кроација рекордс“ – „Лондон сешнс“ на троен винил и двојно ЦД. Финалето им припадна на класиците „Скопје“, „Учи ме мико, карај ме“, како и „Додека мојата гитара нежно плаче“, како мала почит кон неповторливите Битлси.

Вечерва, на вториот распродаден концерт, во Скопје, на едноставната сцена со светлосни ефекти кои ги менуваа боите, се измешаа емоциите, виртуозноста, маестралноста и возбудата од магичниот репертоар на Стефановски кој секогаш е актуелен, иако го свири веќе педесет години. Вечерва, домаќинот ни приреди внимателно избрано музичко „мени“, кое откако го „дегустиравме“, не сакавме да си одиме дома. Се редеа „Кандилце“, „Бистра вода“, „Кумова слама“, „Влатково оро“,„Верба, надеж, љубов“, “Џипси сонг”, „Чувам ноќ од будних“, „Скопје“, „Чукни во дрво“… Сакавме уште да трае, да трае…
Посебно внимание привлече изведбата на народната песна „Јовано, Јованке“ со потписот на Влатко „Јен, два три, јен, два три…“.
– Ако не сум го броел ова во последните 50 години, како да не сум броел ништо – нагласи Влатко, додавајќи дека тој ја направил популарната „Јована“ уште попопуларна.

Магија се случуваше на сцената и со соло делниците на чудата од деца, Иван Кукиќ на бас гитара и Јан Стефановски на тапани, кои го покажаа извонредниот талент и ја држеа атмосферата на највисоко ниво со својата смиреност и насмевка, како и мултиинструменталистот Дамир Имери, кој е веќе легенда.

Ако на јубилејниот концерт на Стефановски, претходно во Белград, гости му беа Златан Стипишиќ Џибони и гитаристот Мирослав Тадиќ, а во Загреб Раде Шербеџија, дома, Стефановски ја изненади публиката со настапот на кларинетистот Горан Бојчевски од Битола, кој долги години работи и живее во Целје, Словенија и со поп-ѕвездата Бајага, кој сите го чекаа со нетрпение. Ги изведоа „Тишина“, „442 до Београда“, „Ти се љубиш…“…

Заедно со Влатко во пеењето го придружуваа вокалите од Струмица и Радовиш, Слободанка, Стојан и Тодор, со кои дури и заигра оро на сцена… Ви велам, чудо беше овој концерт….

На крај, Влатко во публиката ги поздрави најверниот фан од Норвешка и снаата Патриша Марш- Стефановска и синот на неговиот брат Горан Стефановски кои допатуваа од Англија.
– Не очекував да го доживеам ова во Скопје. Почестен сум и трогнат – рече Влатко, поклонувајќи се пред публиката од својот град.
Долго по концертот, секој момент од овој извонреден настан, организиран од продукцијата „Мјузик тајм“ од Загреб и искусниот Томислав Кашљевиќ, беше прераскажан на социјалните мрежи, а македонските медиуми едногласно ги оценија концертите како врвни и спектакуларни. До следната можност, бидејќи Влатко Стефановски постојано ги поместува границите веќе половина век…
Л. Сабит