Царовска: Се враќаат ОТП, домаќинство и други предмети во основното образование

Се прави нов концепт за основното образование во кој сите елементи што се потребни како знаење ќе бидат воведени со тоа што се намалува бројот на предмети, а нема да има додавање на предмети, најави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска во Штип.

– Практично вештини како готвење, ОТП кое што беше укинато, поезија, драма, сето она што во најголем дел се нуди како платени курсеви, сега ќе биде воведено во основното образование. Тоа е она кое што во нашата држава се работи. Таа концепција очекуваме да се пушти за дебата за не подолго од еден месец, а наставните програми да се работат онлајн, за да може да стартуваме сукцесивно од прво и шесто одделение 2021-2022 година, истакна Царовска.

Прашана дали ќе има надоместоци за оние наставници кои наставата ја држат од дома, Царовска децидна дека на наставниците им биле дадени две можности – наставата да ја реализираат во училишните кабинети или од дома.

-Ова е решението кое што е дадено. Секој колектив да донесе одлука на ниво на училиште дали ќе останат во училиште каде што се обезбедени сите работни услови и може да доаѓаат секој ден на работа, вели Царовска.

Како пример го посочи средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“-Штип, кое денеска го посети каде најголем дел од наставниците одбрале наставата да ја држат од дома, а само шест наставници одлучиле да ја држат наставата од училиштата. Практичната настава се одвива со физичко присуство.