Царовска: Само со дијалог можеме да креираме мерки за вработување кои ќе бидат добри за сите

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска говореше на панел дискусија посветена на „Недостатокот на квалитетна работна сила и за иновациите во индустриите“, на Балканскиот претприемачки самит што се одржува во Скопје.

-Младите се иднината на државата и токму секој од нас е должен да вложува во нив, во нивно обрзование, во услови за напредок и да создава политики коишто ќе дадат силни ефекти врз намалувањето на невработеноста и иселувањето, рече Царовска.

Годинава, додаде министерката, прв пат имаме Оперативен план со активни мерки за вработување за кој што издвоивме рекордни 1,1 милијарда денари.

-Ова е највисок износ досега, три пати повисок во споредба со 2014 година. Навистина ми е драго што овој план го изработивме со заеднички сили со бизнис секторот и целосно е прилагоден на потребите на пазарот на трудот. Ваквата пракаса ќе ја следиме и за идниот ОП за 2020 година, бидејќи само преку дијалог којшто ќе го спуштиме на локално ниво ќе можеме да креираме мерки кои ќе бидат добри за сите, рече Царовска.

Таа истакна дека со новите законски решенија како што е Законот за практиканство, но и со Младинската гранција што е дел од оперативниот план се создаваат нови можности за вработување на младите и премостување на јазот што се создава од завршувањње на образованието до работното ангажирање.

Како што соопшти МТСП, Република Северна Македонија е единствената земја којашто не е членка на ЕУ, а ја има Гаранцијата за млади. Во моментот ја спроведуваме во три региони Североисточен, Југозападен и Полошки региони и ги надмина нашите очекувања. Годинава планираниот опфат беше 9.500 млади, а досега се пријавени 13.363 млади лица, од кои 33,3% се вработија во првите 4 месеци. Ова не охрабрува од идната година мерката да ја прошириме на територијата на цела држава.

Царовска рече дека и дуалното образование е еден од процесите да создадеме млади лица кои знаат што сакаат да работат и како да го прават тоа. На овој начин им се овозможуваме сигурен влез на пазарот на трудот и шанса за професинален развој, а на работодавците се нудиме подготвен кадар, кој може веднаш да почне да работи.

Самитот е во организација на Стопанската комора на Македонија и центарот за неформално образование Creative Hub, што се одржува во Скопје. На самитот говорат најуспешните кои годинава се најдоа на листата на „Форбс под 30“, од регионот, но и претставници од бизнис заедницата, како и креаторите на деловните политики, а теми кои ќе се наметнат се инвестициските трендови, трендови во дигиталниот маркетинг, недостатокот на квалитетна работна сила и за иновациите во индустриите.