Цаца-Николовска: Ако лиферуваат информации што работиме, барем да се точни!


Претседателката на работната група подготвување на предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот, Маргарита Цаца-Николовска, во гостувањето во емисијата „Утрински печат“ демантира дека работат на редефинирање на Уставот.

„Нашиот мандат апсолутно не е да се редефинира Уставот. Тоа што одредени личности   сакаат да го прикажат, не знам од кај го вадат. Тие велат дека имаат од внатре луѓе кои им доставуваат вакви информации. Ние во самата работна друга сме се договориле. Јас ги повикувам тие, ако постојат, ако лиферуваат одредени информации, барем да лиферуваат вистински информации, да кажат што ние сме работеле досега. Ние работевме на Деловникот токму заради овие ситуации, да немаме бегање од тоа што ни е мандатот. Имаме и решенија коишто наведуваат што и како. Сè друго што политичките партии го зборуваат, тоа е нивно мислење и не можеме да ги запреме или негирање“, рече претседателката Цаца-Николовска.

На јавноста, нагласи Цаца Николовска, треба да и биде јасно дека нема никакво редефинирање на државата, на македонскиот идентитет и на она што значи Устав.

– Македонскиот идентитет преку јазикот, преку постоење на народ е многу децидно наведен во апсолутно сите меѓународни и национални документи и да се прави само некоја збрка во целото ова опкружување, не е во ред. Не заради навредите што јас ги добивам, тие навреди нека им служат на чест на оние кои ги прават, меѓутоа народот треба да биде правилно информиран и не треба да биде манипулиран, нагласи Цаца Николовска.

Поранешната уставна судијка посочи дека во моментов работната група работи точно на она што треба да се смени во Уставот, односно во самата Преамбула, каде делот „македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ…“ би се проширил со набројување на делови на други народи.

Цаца Николовска нагласува дека овие промени ќе бидат направени преку уставни амандмани, зошто таква е процедурата на промена во Уставот, а што тие ќе содржат е друго прашање.