Бутел и градските гробишта полни со улични кучиња, се огласија и од „Лајка“


Граѓаните реагираат на голема присутност на улични кучиња во општина Бутел и градските гробишта.

Од ЈП Лајка велат дека само изминативе 7 дена се заловени 15 кучиња во овој дел на градот.

Заловувачките служби на ЈП Лајка постапуваат постојано на сите градски локации, таргетирајќи ги прво клучните жаришта, како што се конкретно спроведените интервенции во Бутел кај гробиштата, и дел каде што поради зголемени извори на храна секогаш има повеќе бездомни кучиња, велат од претпријатието.

Оттаму велат дека ЈП Лајка е свесно за проблемот со кој се соочуваат граѓаните на градските гробишта во Бутел, активно работи во разрешување на истиот и ќе продолжи во следниот период стратешки да постапува на терен на оваа критична локација, со цел хуман третман на заловените единки и спречување на процесот на зголемување на популацијата на бездомни кучиња.

Јавното претпријатие за хуман третман на бездомни кучиња “Лајка” работи и ќе работи секогаш во служба на граѓаните и бездомните кучиња, се вели во нивната реакција.

Секој граѓанин кој сака да пријави бездомно куче или глутница, својата пријава може да ја испрати на електронската адреса [email protected] или телефонски на 02/256 58 59, врз основа на која ќе биде постапено.