Бурни реакции по каснувањето дете од куче скитник во Битола – ќе се контролира кој носи кучиња од други градови
Граѓаните се револтирани, во период од една недела беа нападнати и повредни две деца, првото беше на осум години

БИТОЛА – Бурни реакции предизвика веста за детето од неполни две години каснато од куче скитник на плоштадот „Магнолија“ во Битола. Немилиот настан се случи на Велигден, нешто после 12 и 30 часот за што објави „Независен“ со реакција од мајката, инаку американски државјанин.
Денеска, токму овој инцидент беше повод за вонреден состанок на прифатилиштето „Хачико“ од Битола кое врши стерилизација, кастрација и социјализација на бездомните кучиња, а на состанокот присуствуваа ветеринарните клиники вклучени во процесот и претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство. Надлежните напоменуваат дека согласно законските прописи, доколку заловеното куче не се вдоми, а не предизвикало штетен настан, обврзани се истото да го вратат на локацијата од каде е заловено.
Случајот со нападнатото и каснатото детенце од улично куче го потврди и СВР – Битола: „На 20-ти април во 15:15 часот лице со живеалиште во Битола пријавило дека истиот ден во околу 12:30 часот на ул. Широк Сокак, поточно на плоштад „Магнолија“ додека се движел со неговиот син истото било нападнато и каснато од куче скитник во пределот на долната усна и лев образ, со што се здобило детето со телесни повреди“, соопшти полицијата.
Граѓаните искажаа голем револт на ситуација, со оглед на фактот што во период од една недела беа нападнати и повредни две деца, првото беше на осум години.
„Бев на лице место и не можам да се помирам што не можевме ништо за да се спречи, ова е толку поразително за нашето општество, децата не ни се безбедни во центарот на градот во толкави гужви се шетаат кучиња и напаѓаат и осакатуваат деца“, вели битолчанецот Влатко.
Друг битолчанец со поддршка до родителите да бараат правда и да ги тужат сите надлежни институции.
„Нека си видат пример во западните земји како е решен проблемот, масовно заловување, стерилизација и кастрација, обид за вдомување, и еутаназија на болни и агресивни единки. МВР нека се позанимава со расчистување на нелегалните борби со кучиња, за која цел принудно се парат кучки по неколку пати годишно, а неподобните и повредените единки се фрлат на улици кои се екстремно агресивни.“, коментира граѓанин на социјалните мрежи.
Граѓаните сметаат дека отворањето на прифатилиште во Битола не го решава проблемот со бездомните кучиња.
„При отворено прифатилиште за кучиња имаме еден куп деца искасани, во законот убаво пишува што следи за куче кое нападнало, тоа е опасно куче макар и да е домашно, а тоа што се враќа опасното куче на улица и тоа е против законот.“, реагира граѓанин на Битола.
По вчерашниот немил настан од прифатилиштето „Хачико“ велат дека во изминатите две недели граѓаните се сведоци на неколку несакани настани предизвикани од напади на бездомни кучиња врз деца и возрасни во градот.
Од таму велат дека се потресени и покрај сите заложби на прифатилиштето да дејствува согласно законските прописи.
Од прифатилиштето велат дека на денешниот состанок ги разгледале сите законски можности и начини со кои кучињата безбедно ќе се отстранат од улица и ќе се сместат во прифатилиштето, но за жал, како што наведуваат во соопштението согласно законот во ваквото делување се премногу ограничени.
„Согласно законските регулативи, доколку кучето излегло од процесот на стерилизација и кастрација и социјализација, а не предизвикало штетен настан, прифатилиштето нема законска можност да го залови повторно истото куче.“
Прифатилиштето во соработка со инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство и ветеринарните клиники, денес донесе насоки за постапување што ќе подразбира -Повторно заловување на кучињата од критичните локации од пријавите со цел заштита на граѓаните, заловување и времено чување на кучињата во прифатилиштето од центарот на градот (Широк Сокак, Градски парк, Саат кула, Офицерски дом) заради зголемениот број на туристи кои ќе бидат присутни во периодот што следи и како трето, на иницијатива на градоначалникот Тони Коњановски воспоставување на зголемена координација со СВР- Битола, за зголемени контроли на критичните точки каде постои сомнеж дека се испуштаат кучиња од околните населени места или општини.
Инаку во периодот од отворањето на прифатилиштето „Хачико“ во Битола, процесот на стерилизација и кастрација го имаат поминато повеќе од 200 кучиња што преставува повеќе од 25% од вкупниот број.