Бура околу новото портфолио „Европски начин на живот“

Европскиот начин на живот е под сериозна закана – барем како нов наслов на портфолиото за потпретседател на Европската комисија.

Новоизбраниот претседател на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, е под притисок да ја смени титулата што ја предложи за новиот потпретседател кој ќе ја надгледува миграциската политика по негодувањето од европратениците и другите кои рекоа дека е длабоко навредливо и имплицира дека мигрантите и бегалците претставуваат закана за европскиот начин на животот.

Некои од најострите критичари рекоа дека насловот на работата што ќе ја има кандидатот на грчката комисија, Маргаритис Схинас, повеќе им одговара на екстремните десничари отколку на комисијата, која се смета за бранител на либерални вредности и парагон за инклузија, разновидност и мултилатерализам.

Веќе има шпекулации дека Фон дер Лајен размислува да го преименува портфолиото.

Маргаритис Схинас сега е портпарол на Европската комисија и член на грчката владејачка централнодесничарска партија Нова демократија.

Во писмото на Фон дер Лајен до него, во кое е наведено портфолиото, таа вели дека „европскиот начин на живот е изграден околу солидарност, мир на умот и безбедност“. „Ние мора да се осврнеме и да ги смириме легитимните стравови и грижи за влијанието на нерегуларната миграција врз нашата економија и општество“, додаде таа.

Реакциите во Париз беа издигнати на повисоко ниво. По неделната средба во Елисејската палата, портпаролот на француската влада Сибет Ндиаје призна дека името е „многу сомнително“.

Дури иако Франција не ги спомена имињата на комесарите, Ндиаје потсети дека сите комесари ќе имаат сослушувања во Европскиот парламент и таму Шинас „ќе мора да објасни“.

„Навистина, има потреба од подобро објаснување, тоа е она за што служи сослушувањето во парламентот на ЕУ“, потврди Амели де Моншалан, државен секретар за европски прашања.

Жестоко реагираа и левичарските и зелените пратеници во Европскиот парламент.

Карима Дели, француска европратеничка од зелените и претседател на Комитетот за транспорт, го постави ова прашање на состанокот на претседателите на комисиите на ЕП, каде што 13 претседавачи се согласија да испратат заедничко писмо до претседателот на ЕП, Давид Сасоли, во кое го известуваат за нивното несогласување со титулата на портфолиото. Тројца претседавачи гласаа против идејата. Дели твитна и дека ќе испратат писмо до Фон дер Лајен во кое се бара да го смени името на портфолиото на Схинас.

„Парламентот нема да дозволи да помине оваа навреда за европските вредности“, објави Дели.

Алин Робер, главен уредник на „Урактив Франција“ напиша на својот блог: „Дали беше неопходно Урсула фон дер Лајен да даде толку многу гаранции на екстремната десница со поканување на ксенофобија во титулите на некои комесари?“

„Размислуваме за сите аргументи, но сигурно нема брза одлука“, рече портпаролот на Фон дер Лајен.

Европскиот синдикат го означи насловот на новото портфолио „десничарски слоган“. „Зошто… е миграцијата во ова портфолио? Ни треба заштита за нашата демократија, против климатските промени… – не против мигрантите“, се вели во изјавата.

Ска Келер, колидер на зелените во Европскиот парламент, рече дека е „страшно да се види предлог за портфолио за ‘заштита на европскиот начин на живот’, кој вклучува миграција и заштита на границите“. „Се надеваме дека претседателката Фон дер Лајен не гледа противречност помеѓу поддржување на бегалците и европските вредности“, рече таа.

Во еден твит, британската европратеничка Моли Скот Като рече дека „присвојувањето на реториката на екстремната десница мора да заврши“.

Нејзиниот лабуристички колега Клод Мораеш, поранешен претседател на Комисијата за правда и внатрешни работи на Европскиот парламент, рече дека титулата не може да издржи. „Името на ова портфолио е длабоко навредливо“, рече тој. Зборувајќи за „Гардијан“, Мораеш рече дека тој и неговите колеги социјалистички европратеници биле „многу вознемирени и растревожени“. „Имаше апсолутна, целосна осуда“, рече тој говорејќи по групната средба во средата. „Ако таа титула преживее, тогаш сме во лоша позиција како прогресивци, затоа што тоа е срам за нас“.

Софи ин ‘т Велд, холандска либерална европратеничка, која работи на законот за миграција, рече дека одлуката е погрешна и ја повика Фон дер Лајен да ја повлече. „Најважната точка на европскиот начин на живот е слободата на поединците да го изберат свој начин на живот“, рече таа. „Не ни треба комесар за тоа, ви благодарам многу. Импликациите дека Европејците треба да бидат заштитени од надворешни култури се гротескни и овој наратив треба да биде отфрлен“.

Избрана за претседател на Европската комисија со една од најтесните маргини во последно време, на Фон дер Лајен ќе ѝ треба поддршка надвор од нејзината централнодесничарска Европска народна партија (ЕПП), кога ќе треба да се одобри нејзиниот „колеџ“ на комесари.

Портпаролот на радикално левата група европратеници, Европска обединета левица-Нордиска зелена левица, рече дека постои „огромен консензус“ дека титулата за портфолиото е „неприфатлива“ и „срамна“. „Тоа покажува каде оди ЕПП, во кооптирање на јазикот на екстремната десница“, рече тој.

Еден од најискусните членови на новата комисија, Марош Шефчович, одбил да ја поддржи својата нова шефица за името на новото портфолио. Новиот претседател на комисијата е „навистина единствената личност што може да одговори на прашања околу овој случај“, им рече на новинарите.

Во Атина, главната опозициска левичарска партија Сириза не коментираше официјално, но европратеникот на Сириза, Стелиос Кулоглу, направи паралели со американскиот претседател Доналд Трамп, кој исто така рече дека американскиот начин на живот треба да се одбрани од мигрантите. „Се надевам дека Урсула фон дер Лејен не мисли исто“, рече Кулоглу.

Левичарскиот европратеник исто така рече дека Европа не е „поле без ограда“, како што рече неодамна Схинас. „Постојат држави кои страдаат од последиците од бегалската криза затоа што некои други не ја преземаат својата одговорност. Како Схинас ќе ја присили Унгарија да прифати бегалци? Тоа е тешко. Тој и унгарскиот премиер припаѓаат на иста партија, но тука нема причина за партиска дисциплина“.

„Еуроактив“ беше известен дека Шинас не бил свесен за неговото точно портфолио последната ноќ кога беше осигурано неговото потпретседателското место.

Насловот на неговото портфолио не беше единственото што внесе нервоза. Валдис Домбровскис, враќајќи се за втор мандат, ќе ја продолжи својата работа водејќи ја политиката на ЕУ за финансиската стабилност, но со наслов „Економија што работи за луѓето“. Комисијата исто така ќе има потпретседатели задолжени за „посилна Европа во светот“, „Европа подготвена за дигитално време“ и „демократија и демографија“.

Професорот по право на ЕУ, Алберто Алемано, рече дека е длабоко вознемирен од „несоодветниот семантички избор“ на титулите за работни места „бидејќи тие рефлектираат чувство на одвоеност од европските реалности“.

Критиката е подлабока од титулите за работни места, при што Фон дер Лајен се соочува со прашања за тоа како го организирала својот тим. Иако е пофалена за половата рамнотежа – има 13 жени и 14 мажи – Фон дер Лајен е обвинета за нарушување на деликатниот политички баланс.

Се вели дека највисокиот социјалистички комесар на ЕУ, Франс Тимерманс, бил бесен по одлуката на Фон дер Лајен да креира трето место „извршен потпретседател“ што суптилно ја намалува неговата улога. Тимерманс требаше да биде еден од двајцата потпретседатели на највисок ранг, заедно со данскиот либерал Маргрет Вестагер, откако двајцата водеа кампања за претседател на комисијата. Ненадејното додавање на централнодесничарскиот политичар Валдис Домбровскис како уште еден извршен потпретседател предизвикало голем гнев кај него.

„Јасно е дека ако додадете некој друг во мешавината, ги разредувате овластувањата на Тимерманс и Вестагер“, рече извор на ЕУ. (Еуроактив, Политико, Гардијан)