Бундесбанк: На Германија ќе ѝ бидат потребни две години за да закрепне од рецесијата

Германската економија годинава ќе забележи значителен пад и можеби ќе бидат потребни две години за да го надомести, соопшти во петокот Бундесбанк, придружувајќи се на голем број прогнозери кои предвидуваат бавно закрепнување од рецесијата предизвикана од пандемијата на корона вирусот.

Најголемата економија на еврозоната годинава ќе забележи пад од 7,1 процент, врз основа на календарски прилагодените податоци и 6,8 проценти според неприлагодените податоци, соопшти германската централна банка во своите полугодишни проекции.

Овие проекции беа презентирани од Бундесбанк неколку дена откако владата го одобри планот за стимулирање на стопанството во вредност од 130 милијарди евра.

Проекциите на Бундесбанк во голема мерка се во согласност со предвидувањата на германската влада и Советот на економски експерти, кои предвидуваат пад од шест до седум проценти.

Голем дел од германската економија со месеци е запрена поради пандемијата, а мерките дури сега полека се укинуваат.

Централната банка соопшти дека календарски прилагодениот раст ќе биде 3,2 проценти во 2021 година и 3,8 проценти во 2022 година.

Податоците на Бундесбанк доаѓаат еден ден откако Европската централна банка ги намали своите прогнози за еврозоната, предвидувајќи пад на БДП од 8,7 проценти во 2020 година и во полошото сценарио од 12,6 проценти.