Булеварот „Борис Трајковски“ ќе се заврши годинава – стопанствениците се согласиле на експропријација


Фото: Б. Грданоски
 
Еден од клучните сообраќајни правци во Скопје, булеварот „Борис Трајковски“ ќе биде завршен до крајот на годинава, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
 
Тој денеска остварил средба со стопанствениците по должина на трасата и постигнале договор за забрзано спроведување на експропријацијата, процес кој во минатото останал недовршен.
 
 
Во најскоро време ќе биде објавена јавната набавка, а проекциите се дека изградбата ќе биде комплетирана до крајот на оваа календарска година. Оние 850 метри голгота, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево – заминуваат во минатото. На нивно место ќе никне современ булевар со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека“, вели Ѓорѓиевски.
 
Булеварот „Борис Трајковски“ кој почнува од Кисела Вода – Рампа и завршува во Драчево, почна да се проширува и да се гради во времето на градоначалникот Коце Трајановски. Третата фаза се градеше во 2015 година, а четвртата до ден денес остана неизградена.