Бујар Османи во ОН: Денес е нападната Украина, утре може да биде која било држава


 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во својство на претседавач со ОБСЕ денеска во Обединетите нации во Њујорк силно ја осуди руската агресија на Украина. Тој зборуваше на Специјалната итна седница на Генералното собрание и испрати порака до сите земји членки на ОН за важноста на усвојувањето на Резолуцијата на ОН за враќање на мирот и заштита на меѓународниот поредок и ги повика сите држави да се солидаризираат со Украина.

„Денес е Украина, утре може да биде која било наша држава која се потпира на правилата и принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН ја смета како неспорна гаранција за независност, суверенитет и територијален интегритет на земјите. Руската Федерација ги прекрши овие фундаментални принципи, кои сите ги негуваме и за кои сите се согласуваме, без оглед на разликите меѓу нас“, рече претседавачот на ОБСЕ пред Генералното собрание на ОН. 

Османи јасно порача дека не може во 21 век да се прифатат „сферите на влијание“, објаснувајќи дека тоа е концепт за предизвикување конфликти, како што e случај со Украина. Потенцираше дека е недозволиво една држава со сила да ги менува границите на својот демократски сосед, да ја уништува нејзината инфраструктура и да предизвика неподносливо страдање на цивилното население.

„Не можеме да дозволиме или да признаеме освојување на територии со војна и смешно организирани референдуми на окупирани територии. Не можеме да прифатиме владеење со сила и најсилните да одлучуваат за судбината на другите народи“, рече Османи.

Османи кажа дека Русија ја избрала погрешната страна на историјата и оттука мнозинството земји-членки ги прифатија досегашните резолуции на ОН, со што и ја осудија руската инвазија на Украина. Однесувањето на Русија како постојана членка на Советот за безбедност нема оправдување, истакна Османи. Русија освен што започна агресивна војна против Украина, предизвика и енергетска несигурност и недостаток на храна во светот.

Тој ги пренесе позициите на Македонија, која се води од принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН. Нашата земја од самиот почеток ја осуди руската војна против Украина и како голем број членки на ОН, даде поддршка на истрагата за евентуални воени злосторства врз украинскиот народ, а сега дава поддршка и на враќањето на мирот и заштитата на меѓународниот поредок.