Бујар Османи: Влегов во оваа битка за Чаир без калкулации
„Јас влегов во оваа битка без калкулации, на страна на народот на Чаир, на страна на моите соседи и пријатели, за да го заштитиме нашиот дом и да кажеме доста е! Доста беше хаос, доста беше корупција, доста беше 20 години празни ветувања“. Ова го порача кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција, последна во изборната кампањата.
Османи истакна дека Чаир заслужува повеќе и дека животот во општината не треба да биде борба со проблеми создадени од неодговорни власти.
„Нашите деца заслужуваат повеќе. Секој од нас што живее овде знае дека животот во Чаир е тежок, улици блокирани, ѓубре на секој агол, дивоградби што го гушат воздухот, училишта што не се безбедни за децата. Тоа не е судбина, и јас не ја прифаќам таа судбина. Никој не смее да ја прифати“, изјави Османи.
Тој упати повик до граѓаните да не се помируваат со состојбата во која е доведена општината.
Османи истакна дека неговата кандидатура не е дел од политички калкулации, туку од лична одговорност и посветеност.
„Јас доаѓам пред вас со едноставна порака и конкретен план: време е за промена. И таа промена ви ја ветувам лично, како човек. Јас сум доктор, професионалец, човек кој го носеше гласот на граѓаните пред светот. Кога Македонија претседаваше со ОБСЕ, јас ја бранев државата и нашата заедница со достоинство. Тој кредибилитет денес го враќам во Чаир“, рече Османи.
Османи ги претстави и првите конкретни чекори што ќе ги преземе како градоначалник.
„Во првите 100 дена ќе се исчистат сите депонии и ѓубрето од улиците и парковите. Ќе започнеме изградба на нови паркиралишта и ќе воведеме ред во сообраќајот. Ќе ја искоренам корупцијата од нејзиниот гнил корен и ќе направам целосна ревизија на дивите згради. Ни педа повеќе нема да се изгради без дозвола“, порача Османи.