Бујар Османи тврди дека предвремени избори ќе има во март или април


Фото: Б. Грданоски

 

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, ја коментираше изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека по локалните избори е можно одржување предвремени парламентарни избори, велејќи дека според неговите сознанија и проценки, таквите избори ќе се одржат во март или април следната година, се вели во соопштението на ДУИ.

„Тоа е всушност тоа што го кажувам јас и ние од почетокот, дека да, ќе има предвремени парламентарни избори некаде во март или април. И ова го кажувам најаргументирано, врз основа на сите разговори и договори што ги има на политичката сцена“, изјави Османи.

Тој додаде дека изјавата на премиерот само го потврдува она на што ДУИ и другите опозициски политички сили укажувале со месеци, дека сегашната влада е нестабилна и неодржлива.

„Се разбира дека на премиерот веројатно му требаа дополнителни аргументи, коишто сега ги гледа на терен, во односот на силите и тоа што се случува. Ситуацијата е неодржлива и затоа веќе почна и тој да го подготвува теренот“, рече Османи.

Тој истакна дека најавените избори ќе бидат можност да се избере нова влада со јасен европски и економски фокус.