Бујар Османи се гледа себеси како дежурен лекар на жителите на Чаир


 

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција изјави дека како иден градоначалник, се гледа себеси и како дежурен лекар на 80.000 жители во општина Чаир.

Најзначајниот проект што Османи го најави е воспоставување на мобилна болница, како караван кој секојдневно ќе биде присутен во различни маала, каде што граѓаните ќе можат бесплатно да направат превентивни здравствени прегледи.

„Секој ден во едно маало ќе има мобилна болница, во која граѓаните доброволно ќе можат да направат превентивни здравствени прегледи. Ова е многу важно, не само за откривање на поединечни случаи, туку и за зголемување на општата свест“, рече Османи.

Вториот столб на здравствената програма се здравствените тимови за повозрасните лица, составени од лекари и медицински сестри, кои ќе ги посетуваат пензионерите и лицата што живеат сами.

Тој најави и посебни превентивни програми за жените, со фокус на раното откривање на рак на дојка и поддршка на физичкото и менталното здравје.

Османи потенцираше дека новата визија за здравството во Чаир се темели на превенцијата, а не на скапи и задоцнети интервенции. Тој предупреди дека сегашната состојба во Чаир е загрижувачка.

 „Триесет отсто од децата во Чаир имаат повеќе хронични заболувања на белите дробови поради нечистотијата, поради правот на нашите улици. Полициските извештаи покажуваат дека четири лица дневно во Чаир завршуваат на операциска маса поради урбаниот хаос и сообраќајните несреќи“, рече Османи.