Бујар Османи ќе ги обнови фасадите во стариот дел на Чаир

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција најави проект за целосна санација и уредување на фасадите на сите згради во стариот дел на општината.
„Ќе започнеме сериозен проект од првиот ден за уредување на фасадите на сите згради во стариот Чаир. Ова не е само прашање на естетика, туку и прашање на енергетска ефикасност. Нова фасада значи и нова термоизолација, што ќе ги намали трошоците за греење во зима, а во лето ќе го заштити животниот простор“, истакна Османи
Тој ги претстави и деталите за како ќе се финансираат овие проекти, нагласувајќи дека со добро планирање тие можат да се финансираат главно со европски средства. Османи истакна дека како поранешен национален координатор за европски фондови, добро ги познава работите во оваа сфера и веќе има формирано професионален тим што ќе работи на подготовка на проекти.
„До 85 отсто од трошоците за вакви проекти можат да се обезбедат преку европски фондови, а останатите 15 проценти ќе ги покрие општината“, рече Османи и додаде дека од милијардите евра што и биле достапни на Македонија, Општина Чаир во изминатите 20 години искористила нула евра.
Реновирањето на фасадите и зачувувањето на стариот дел од Чаир ќе биде приоритет, истакна Османи и уште еднаш повтори дека овој дел ќе биде целосно заштитен и нема да бидат дозволени повеќе дивоградби.