Бугарското собрание ќе решава за француската рамка според предлогот на Демократска Бугарија


 

Комисијата за надворешни работи на бугарското собрание денеска по повеќечасовна расправа одлучи на пленумот да му ја предложи предлог-одлуката на Демократската Бугарија со која треба да се поддржи францускиот предлог за кревање на ветото на Софија.

Пратениците ги разгледуваа и предлозите на ГЕРБ и ДПС, но тие не добија мнозинство во комисијата. Според пратениците најдетален бил предлогот на ДБ и затоа го поддржале.

Документот, доколку биде усвоен на пленум, ќе ѝ наложи на владата да го одобри францускиот предлог за укинување на ветото. Нацртот одобрен од комисијата вклучува барање за прецизирање на преговарачката рамка и заклучоците на Советот за да се осигура дека Бугарите се вклучени во македонскиот устав „таму каде што се споменуваат другите народи и врз еднаква основа со тие народи“ (всушност, условот за уставниот процес не е запишан во рамката, туку само во заклучоците, бидејќи мериторните преговори не можат да започнат пред неговото завршување).

Друго барање е во документите да се стави јасно до знаење дека процесот на пристапување не дозволува толкување на бугарската позиција како признавање дека постои македонски јазик.

Потребни се и гаранции дека добрососедството останува хоризонтален критериум до крајот на преговорите за членство на Скопје во ЕУ, а Европската комисија редовно ќе го информира Советот. Периодичното разгледување на извршувањето на договорот мора да биде обелоденето во процесот на преговарање.