Бугарските здруженија од Битола со спорт ги омекнуваат политичките тензии
БИТОЛА – Бугарските здруженија од Битола играат „топло-ладно“ со своите агенди. Едни промовираат спорт, други култура и историја. Едни велат „заедно можеме“, други провоцираат со присвојување на делови од македонската историја.
По настанот од почетокот на ноември кога во објектот на улицата „Рузвелтова“ во Битола седиште на новото здружение „Една роза“, (или поранешното „Ванчо Михајлов“ кое веќе не постои во Централниот регистер) членовите од Битола го презентираа третото издание на „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински од 1900 година како дел од бугарското културно наследство, сега настапуваат со спортски натпревари како „мост за зближување“ на двата народи.
Без видливи провокации, бугарското здружение „Балкански мост“ од Битола чии претседател е Љупчо Јошевски, неекспониран во јавноста, со пријателски тенис турнир ги омекнува политичките тензии меѓу двете држави. Тенис натпреварот меѓу клубот АТП „Пелистер 1979“ од Битола и Тенис академија ,,Нушеви” од Петрич, Бугарија, се одржа на 16 и 17 ноември под мотото „Зедно можеме“ во Битола.
На натпреварот лично бил присутен и бугарскиот генерален конзул во Битола Николај Димитров, како покровител заедно со амбасадата на Бугарија во Скопје и Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Од здружението „Балкански мост“ велат дека –„Како што беше мотото, така и стана. Докажавме вистински дека заедно можеме. На крајот од натпреварите и учесниците и гостите си заминаа презадоволни. Продолжуваме напред, спортот и културата се огромен мост на одново зближување“, велат од здружението и најавуваат напролет возвратен натпревар во Бугарија.
Пред дваесет дена во седиштето на клубот „Една Роза“ во Битола се славеше 1 ноември, празник на будењето на бугарските просветители со презентирање на третото издание на „Македонска крвава свадба“ од Чернодрински.
Промоторот на книгата Калин Крумов рече – „Решивме да објавуваме оригинални документи, оригинални текстови, без корекции, Бугарка да се чита Македонка, Бугарија да се чита како Македонија“, што во Битола и во македонската јавност се протолкува како провокација.
Паралелно во Основниот суд во Битола трае судењето за екс претседателот на Клубот „Ванчо Михајлов“, Љупчо Георгиевски за две дела предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.
Георгиевски пред десеттина дена со сретна со бугарскиот претседател Румен Радев и како што соопштија од кабинетот на шефот на државата, тој изразил надеж дека бугарската заедница во Македонија што поскоро ќе биде вклучена во уставот. (А.Б)