Бугарскиот меморандум не е добредојден во Брисел


Во Брисел нема расположение тоа што не успеа Грција – да докаже дека не постојат Македонци, македонска нација и македонски јазик и на што потроши три децении – сега да го продолжи Бугарија, а другите земји членки со поддршка да го заробат овој процес

 

Агресивниот притисок на официјална Софија бугарските толкувања за историјата да станат услови за почнување преговори со Македонија (ако се земе со резерва Грција), неофицијално, според извори од Брисел, засега не наидува на поддршка во ниту една земја членка на Европската унија.

Во Брисел нема расположение тоа што не успеа Грција – да докаже дека не постојат Македонци, македонска нација и македонски јазик и на што потроши три децении – сега да го продолжи Бугарија, а другите земји членки со поддршка да го заробат овој процес.

Самиот факт дека Бугарија почувствува потреба со меморандум да го дообјаснува тоа што го испрати како официјалната владина позиција за преговорите, сугерира дека не успеала во тоа што го бара досега. Неофицијално, земјите членки сметаат дека овие прашања треба да се решаваат на билетерална основа и да не ги оптоваруваат преговорите со ЕУ, па нема ни расположение бугарските барања да влезат како посебна точка во Поглавјето 35, за „други прашања“. Јасно е сепак, од досегашните искуства, дека кога е во прашање Брисел, никогаш не смее да се земе нешто како сигурно.

Засега, очекувањата се дека амбасадорите не ќе можат да решат околу ова прашање, па тоа ќе се најде на еден од наредните министерски состаноци на ЕУ, најверојатно во ноември. Дотогаш, според најавата, нашиот премиер Зоран Заев ќе оди во Софија и ќе се обиде да ги испегла односите, но во ситуација кога му гори на Бојко Борисов под нозе и секој ден има протести и барања да поднесе оставка, тешко дека ќе се откаже од спорот кој го врти вниманието на домашната јавност.

Генерално, меѓу државната позицијата за преговорите, што Софија ја усвои во октомври минатата година, и овој меморандум нема голема разлика, освен во интонацијата и генералната порака. Првиот документ беше напишан со јазик поприфатлив за европски политичари, а вториот е погруб и јасно, место дипломатски, ја разоткрива  намерата на Софија – а тоа е со печат на ЕУ да стави печат за нас како народ со бугарски корени, чиј јазик е „регионална форма на бугарскиот“, а „македонски“ е само под наводници и постои од 1945 година, т.е. македонскиот идентитет да го прогласи за политички инженеринг.

Притоа, од Меморандумот јасно произлегуваат четири барања со кои Софија излегува од рамките на Договорот за пријателство со Македонија, кој патем кога го потпиша се обврза дека нема да ја блокира Македонија во ЕУ. Тие се однесуваат на јазикот, историјата, името на државата и малцинствата.

Па, така, Бугарија го враќа на меѓународна сцена затвореното прашање за името на нашата држава и бара Македонија со вербална нота до ОН самата да декларира дека нејиното кратко име Северна Македонија е географска одредница и не го опфаќа делот од Северна Македонија во Бугарија.

„Бугарија ги информира ООН дека, во духот на добрососедската соработка и поддршка ќе го користи уставното име ‘Република Северна Македонија’ ерга омнес како единствено име на оваа земја. Ова прашање може да се затвори откако Република Северна Македонија официјално ќе се изјасни до ООН и сите други меѓународни организации дека употребата на краткото име на земјата предвидена во Договорот од Преспа се однесува само на политичкиот субјект ‘Република Северна Македонија’, а не на географскиот регион Северна Македонија“, стои во документот.

Она што беше „државно спонзорирана идеологија на антибугарска основа“ во првиот документ сега стана официјално „агресивен македонизам“, кој содржи претензии кон јазикот, малцинските прашања и историјата на Бугарија, за која пак инсистираат Македонија да прифати дека е заедничка, а никако споделена или преплетена!

Софија исто така бара Македонија да испрати уште една вербална нота во ОН со која ќе декларира дека ќе ја задржи формулата за јазикот од Преспанскиот договор, односно дека во ЕУ ќе се употребува „официјален јазик според Уставот на Република Северна Македонија“, а ако мора да се употреби „македонски јазик“, кој е дел од договорот во Преспа и кој е наведен како еден од јужнословенските јазици, да се реферира дека тоа е јазикот „според Уставот на Република Северна Македонија“. Едноставно кажано, Бугарија сака да го врзе постоењето на нашиот јазик само со Уставот, дека со него е именуван како таков, а во реалноста, како што стои, е писмена регионална форма на бугарскиот.

Најсмешно е тврдењето на Софија дека ги почитува правата на самоопределување на сите свои граѓани според стандардите на меѓународните организации, а има куп пресуди околу ова прашање и казни што не ги извршува. Покрај тоа, тврди дека во Бугарија етничкото определување постои како индивидуално право, но не и колективно, а упорно се инсистира на загрозеност на Бугарите како малцинство во нашата земја, т.е. како колективна група.

Кратко кажано, ова е најјасно манифестирање на големобугарската платформа од современа Бугарија во Европската унија досега, користејќи ја подредената меѓународна позиција на Македонија. Повторно македонскиот идентитет се сака да се сведе на географија и на политичка творба со краток историјат, односно Софија најотворено го негира постоењето на македонскиот јазик, држава и нација, па и бара поддршка за тоа од Унијата. Да биде фарсата поголема, јасно кажува дека нема намера да го признава Преспанскиот договор во тие делови што не ѝ одговара, бидејќи меѓународното право не ги обврзувало на тоа, ниту пак одлуките на релевантите тела на ОН.

Во меморандумот Софија  дава толкување и на одлуките на АСНОМ, нешто што како спорно го најави пратеникот Андреј Ковачев. Понатаму, се дообјаснуваа и барањето во владината позиција за расфетлување на работата на безбедносните служби од бивша Југославија и, според Софија, „убивањето и прогонот на 100.000 граѓани кои се идентификувале како Бугари“, споменувајќи концентрациони кампови тука. Според Петар Богојески тоа е вулгаризирање на историјата, бидејќи на идеолошките пресметки во нашата држава во тој период им се дава етнички презнак, наспроти обратниот пристап за настаните во Втората светска војна. Меморандумот е всушност најава дека до крајот на преговорите ќе се појават уште многу барања, па проблемот со Гоце Делчев ќе биде песна за останатите спорења. (С.Ј.)