Бугарскиот културно-информативен центар доби нови простории во Скопје (Галерија)


Двајцата министри за култура даваат изјави на отворањето на Центарот (Фото: Б. Грданоски)

 

Со одмерена свеченост Културно-информативниот центар на Бугарија денеска ги отвори новите простории лоцирани во самото срце на Скопје, кај порано познатиот „Ловец“ на улицата „Никола Вапцаров“. Центарот официјално е под надлежност на бугарското министерство за култура. 

На отворањето присуствуваа министрите за култура на двете држави, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Велислав Минеков. Беше присутен и лидерот на националистичката паратија Преродба, Костадин Костадинов, копретседателот на историската комисија, Ангел Димитров, како и повеќе други бугарски личности кои имале некаква врска со Македонија, како новинари или други општествени работници. Имаше и љубопитни македонски граѓани.

„Со новиот објект на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје да се отвори нова енергија во меѓусебните односи за културен натпревар и за победа на креативноста. Бугарскиот КИЦ во Скопје и нашиот во Бугарија имаат за цел да нѐ доближат како народи и култури. Отворете ги ширум портите на културата“, рече на отворањето министерката Костадиновска-Стојчевска.

Фото: Б. Грданоски
Меѓу гостите беше и лидерот на партијата Преродба, Костадин Костадинов (Фото: Б. Грданоски)
Меѓу присџутните беше и Ангел Димитров (Фото: Б. Грданоски)
Внатрешноста на центарот (Фото: Б. Грданоски)

На свеченоста говореше и бугарскиот министер за култура, Минеков. Тој го изрази задоволството од отворањето на новиот простор во центарот на Скопје се промовира по 20 години од отворањето на бугарскиот КИЦ во земјава. „Културно-информативните центри се мост кој создава услови за просперитет и зближување на двете култури, и кој го обезбедува заслуженото место на културата во општествата“, рече тој.
 
Во Центарот има богата библиотека, а отворена е изложба на слики од современи уметници од Македонија и Бугарија.
 
Отворањето на новите простории на  официјалниот бугарски културен центар има двојна симболика – тоа доаѓа по неколкуте кршења на прозорците на бугарскиот клуб во Охрид и е отворен на улицата што го носи името на Никола Вапцаров, поетот роден во Банско, Пиринска Македонија, кој се претставуваше како бугарски и македонски творец, но посветен антифашист, и по кого беше крстен клубот на Македонците што неодамна беше отворен во Благоевград. (Н.В.)