Бугарскиот амбасадор се чуди како Ива Михаилова излегла од Македонија


Желјазко Радуков

 

Бугарскиот амбасадор во Скопје, Желјазко Радуков, изјави дека би бил исклучително изненаден доколку македонските власти не знаеле за заминувањето на Ива Михаилова од Македонија. Но тој, сепак, тврди оти нема информации дека нејзиното напуштање на државата било однапред договорено.

Во интервју за бугарската телевизија бТВ, Радуков отвори сомнежи околу начинот на кој Михаилова успеала да ја напушти Македонија, и покрај судските ограничувања, одземените патни исправи и полициските мерки што, според него, биле применувани.

„Тоа не можам да го тврдам, но би бил исклучително изненаден ако не било усогласено“, одговори амбасадорот на прашањето дали е можно Михаилова да заминала без знаење на македонските власти.

Радуков тврди дека пред нејзиниот дом редовно имало полициски патроли, а при излегувањата ја следеле полициски службеници во цивилна облека. Според него, Михаилова пријавувала и дронови над својот дом во ноќните часови. На Михаилова ѝ беа одземени двата пасоши, македонскиот и бугарскиот.

„И одеднаш сето тоа на некаков начин исчезнува и таа ја преминува границата? Ве молам“, изјави Радуков.

Според амбасадорот бугарската држава не била информирана за намерата на Михаилова да замине. Како што рече, и тој и бугарската амбасада за нејзиното заминување дознале од медиумите.

„Од вас дознав. Вие нè информиравте во програмата на бТВ. Тоа не беше најсоодветниот и најдобриот начин да дознаеме за нешто толку важно“, рече Радуков.

Изјавите следуваат откако амбасадорот беше повикан на разговор во македонското Министерство за надворешни работи поради случајот со Михаилова, која замина во Бугарија со својот бугарски адвокат, без евидентирано преминување на граничните премини меѓу двете држави, според информациите наведени во прилогот на bTV.

Радуков потврди дека македонската страна кога беше повикан во МНР изразила загриженост за случајот, но одби да открие детали.

Тој нагласи дека не може да го поддржи начинот на кој Михаилова ја напуштила Македонија, иако, како што рече, го разбира нејзиниот очај.