Бугарски историчар: Имињата на клубовите се малку провокативни


Клубот на Бугарите од Битола (Фото: А. Блажевска)

Бугарскиот историчар Христо Матанов во интервју за БНР рече дека не му се допаднала воопшто посетата на македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, во Софија бидејќи ја искористил за да порача дека Бугарите се незначително малцинство во Северна Македонија и дека Бугарија треба да престане со провокациите.

„Имињата на клубовите навистина се малку провокативни, но од академска гледна точка, цар Борис Трети не е фашист“, истакна Христо Матанов.
„Но, објаснувањето за ова на северномакедонското општество е премногу романтично. Тие веруваат во нивните учебници“, рече тој.

Тој забележа дека во РСМ не може да се собере уставно мнозинство за да станат Бугарите државотворен народ бидејќи опозицијата попречува се, а дека говорот на омраза отсекогаш бил релативно силен, но во минатото за тоа не се известувало.

Бугарскиот европратеникот Ангел Џамбаски, пак и денеска продолжува со провокациите на адреса на Северна Македонија. Тој денеска на Фејсбук објави: „Македонија била и е бугарска. Северна Македонија е нешто друго – тоа е заслуга на Тито. Со забрани за влез во земјата, нема да ја избришете вистината”.

Џамбаски неодамна беше во Скопје, на одбележување на панихидата за Мара Бунева, при што упати провокативни пораки за територијални претензии и изјавувајќи дека македонските политичари се „србомани кои вршат геноцид врз Бугарите”, а земјава ја нарече „бугарска”.

Бугарското МНР тогаш се огради од ваквите ставови и нагласи дека тие не кореспондираат и не се став и на Бугарија како држава.

Lидерот на националистичката  „Преродба“, Костадин Костадинов, пред бугарските новинари порача дека на Македонија треба да и се стави вето за влез во ЕУ.

„Македонија отсекогаш покажувала дека кога тргнува на линија на конфронтација со Бугарија, подготвена е да оди до крај. Голема дилема е до каде ќе оди нашата земја“, вели тој.

На прашањето дали неговата партија ќе оди на прославата на роденденот на Гоце Делчев, Костадинов вели: „Кога имавме време одевме, но сега чекаме распуштање на парламентот. Ако имаме време ќе одиме. Ние никогаш не ги планираме нашите настани во Македонија во зависност од странски фактори. Никогаш не ги правиме за да налутиме некого или да му угодиме“.

Костадинов е дециден дека Бугарија мора да ги штити сопствените интереси и бара свикување на состанок на Советот на министри за надворешни работи на НАТО. Според него, некој се обидува да ги внесе Бугарија и Македонија во руско-украинското сценарио.