Бугарската влада го одобри нацрт-договорот со Македонија за тунелот кај Деве баир


Пругата кон Бугарија се гради долги години

 

Бугарската влада направи чекор напред околу реализацијата на железничкиот тунел на Деве баир одобрувајќи го на денешната седница нацрт-договорот со Македонија за неговата изградба.

Според соопштението на прес-службата на владата таа на денешната седница разговарала за формирање мешовит комитет и понатаму со македонската страна ќе раговара за текстот на договорот.

Како што пренесува БТА, целта е да се направат јасни обврски и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Северна Македонија.

„Министерството за транспорт и врски како страна на договорот предлага двете страни да преземат реални активности за реализација на објектот на железничкиот тунел, кој е железничка врска меѓу двете соседни земји. Изградбата на стратешкиот транспортен Коридор VIII е предуслов за комерцијална и индустриска размена, како на билатерална основа меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, така и за земјите од регионот“, стои во соопштеието.

Во декември, стои во информацијата, Министерството за транспорт и врски побарало јасни заложби и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Македонија да бидат направени во меѓувладин договор.

За третиот дел од пругата кон Бугарија македонската и  бугарската страна досега одржаа две средби, една во Брисел на 16 октомври кога се согласија  да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8 и една во Софија на 31 октомври по која македонската страна објави дека се прифатени нејзините аргументи: да има заеднички проект за да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата и да се ревидира цената и на самиот проект.

Првиот дел од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, веќе се заокружува и ќе биде пуштен во употреба во јануари. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, изградени 27,3 проценти, а рокот е 2026 година.