Бугарската такса може да го дотепа македонското стопанство
Од испораките на гас, а и од цената на овој енергент, во голема мера зависат некои од водечките компании во клучните индустриски сектори: „Усје“, „Жито лукс“, „Европа“, „Макстил“ ТЕ-ТО, компаниите во економските зони
Она што до сега не им успеа ниту на здравствената, ниту подоцна на економската и енергетската криза во Европа, сега тоа може да го направи едностраната мерка на Бугарија со воведување такса за транзит на рускиот гас – да го дотепа македонското стопанство.
Поскапување од 20 отсто на цените на струјата и на греењето, на што предупреди премиерот Димитар Ковачевски, доколку таксата остане да се применува, тешко дека би можело да поднесе и многу поразвиено стопанство од македонското, кое и онака е на климави нозе и кое се обидува да балансира помеѓу владините, често популистички мерки, намалената продуктивност и следствено на тоа конкурентноста, но и на масовното заминување на работната сила во странство.
Од испораките на гас, а и од цената на овој енергент се разбира, во голема мера зависат некои од водечките компании во клучните индустриски сектори – како на пример цементарницата УСЈЕ, потоа производителот на брашно и леб „Жито лукс“, челичниот гигант „Макстил“ (кој деновиве исплати 4,1 милиони евра на име солидарен данок кој го наметна државата), потоа уште еден важен производствен и извозен капацитет од кондиторската индустрија, „Европа“…
И покрај неколкуте пакети владини мерки за поддршка на стопанството, во време на економската и енергетската криза, овие компании самите се снаоѓаа на слободниот пазар, плаќајќи неколкукратно повисока цена на електричната енергија од нивните конкурентни во странство. Кога очекува подобра конјуктура на пазарот на енергенти, сега како студен туш дојде бугарската такса.
Не треба да се заборави дека најголем потрошувач на гас е когенеративната централа ТЕ-ТО, која е од витално значење за системот на централно греење во Скопје од која со топлина се снабдуваат шеесетина илјади потрошувачи, како домаќинства, така и правни субјекти. Регулаторната комисија за енергетика, успеа некако да ја стокми цената на греењето поскапувајќи го парното за нешто помалку од пет отсто. Со таксата на Бугарија за транзит на рускиот гас, прашање е до кога ќе може да опстои ова цена.
Што ќе значи поскапувањето на парното за граѓаните и фирмите, не треба да се објаснува, дотолку повеќе што и сегашната цена во голема мера е субвенционирана од страна на Владата. Математиката е јасна – ако поскапи парното, многу од потрошувачите би можеле да се префрлат на електрична енергија, што може да предизвика колапс на енергетскиот систем, имајќи предвид дека домашното производство не е во состојба да ги покрие и вообичаените потреби.
Но, најголем удар би можеле да претрпат компаниите кои работат во технолошко–индустриските развојни зони, популарните ТИРЗ-ови. Тие во последните години се наметнаа како важен сегмент во вкупното домашно стопанство, можеби не толку поради бројот на вработени (иако таа бројка воопшто не е занемарлива) колку по учеството во вкупната надворешно-трговска размена на земјата со странство и промената на структурата на македонската економија.
Според податоците кои ги има објавено Дирекцијата на ТИРЗ, а се однесуваа на август годинава, во компаниите во зоните работат над 17.150 лица, што е за 20 отсто повеќе од истиот период лани. Само од почетокот на годинава во компаниите во ТИРЗ се вработени речиси 900 македонски граѓани (сега веројатно и повеќе). Заклучно со јули извозот на овие компании надмина 2 милијарди евра, за 20 отсто повеќе од истиот месец лани.
Не треба да се занемари и фактот дека овие компании и онака се соочуваат со предизвици, најмногу поради проблемите во германската економија, кон која многу од нив се насочени, па дополнителни непредвидени проблеми, како што е еднострана мерка на Софија за наметнување такса за рускиот гас што транзитира низ нејзината територија, само може да ја влоши состојбата во овие компании, а со тоа и во целата домашна економија.
Што би значело тоа за растот на домашниот бруто-производ и не треба многу да се аргументира. Доволно е да се спомене дека деновиве Светска банка на презентацијата на извештајот за земјите од Југоисточна Европа наведе дека Македонија ќе има најмал економски раст и најголем буџетски дефицит. Дополнителни трошоци за набавки на гасот, сигурно нема да придонесат да се подобри ваквата прогноза. Напротив.
Треба да се има предвид дека станува збор за едностран потег на Софија со кој се погодени и Србија и Унгарија, покрај Македонија (и кој Белград и Будимпешта го осудија) и дека не е санкција која ја наметна Брисел. Но, факт е и дека Европската комисија, не само што не ја осуди оваа мерка, туку на некој начин даде зелено светло велејќи дека „Бугарија има право сама да одлучи како ќе ги користи приходите што ќе ги остварува од наплатата на таксата за транзит на увезениот руски гас низ бугарска територија“.
За потсетување, во 11. пакет-мерки што ЕУ ги воведе против Русија, во делот на енергентите санкции се предвидени за нафтата и јагленот, но не и за гасот.
А, приходот кој Бугарија ќе го стави на свое конто воопшто не е занемарлив. Се проценува дека таксата за транзит на рускиот гас низ нејзина територија во висина од 10 евра за мегават час, ќе ѝ донесе годишен приход од 1,2 до 1,5 милијарди евра, освен доколку не се насочат кон буџетот на ЕУ, што како можност го најави бугарскиот премиер Николај Денков.
За Македонија е сеедно каде ќе заврши делот која таа ќе го плати за поскапиот гас – дали со нејзините пари ќе го полни бугарскиот или европскиот буџет. Но, она што уште еднаш се покажа како поразително за нашата земја е енергетската политика којашто се води со децении и која ја направи земјата зависна од увозот на енергенти, и што е уште полошо, во случајот на гасот, да зависиме само од еден добавувач – руски „Гаспром“.
Се изнаслушавме за почетокот тендерот за изградба на интерконекторот со Грција, кој сега според информации од грчка страна, конечно ќе почне да се реализира. Но, што дотогаш?
Македонската влада се закани дека ќе бара компензација за ваквата мерка на Софија од Европската комисија, па дури и дека ќе поведе меѓународен спор. Сето тоа е легитимно, бидејќи аргументите, барем како што се тврди, се наша страна – Македонија до сега го нема искористено постојниот гасовод со Бугарија повеќе од 50 отсто, па како што ги толкуваат европските правила, ако е тоа подолг период, треба да се ослободи и за снабдување од други извори. Тоа е и барањето на македонските власти, кои формално не приговараат за воведувањето на таксата, туку за држењето во шах-мат позиција со можноста да се снабдуваме од други извори на гас, а не само од руски „Гаспром“.
Минатата зима, која беше енергетски многу неизвесна, Бугарија овозможи такво нешто со зголемување на притисокот во цевките. Сега треба да се види дали ќе излезе во пресрет на македонските барања или ќе ја (зло)употреби својата доминантна позиција што ја има во однос на Македонија при снабдувањето со гасот.
На крајот, беше пропуштена убава шанса за овие теми кои се од животно значење за македонската економија да се слушне и од прва рака – за време на посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на земјава. Но, за жал, на прес конференцијата приоритет добија прашања зошто нема средба со опозицијата и за уставните измени, додека фокусот на претставниците на Владата беше ставен на планот за економски раст на Европската комисија. А, бугарската такса е токму сопка за реализирање на целите за поголем економски раст.